сабота, 27 јули 2024
Промовирана книгата „Културолошките точки нa Македонија“ од Александар Јорданоски

Без чување на духовното наследство се прави поголема штета отколку од надворешните влијанија врз македонскиот идентитет

Нематеријалното културно наследство, во кое спаѓаат јазикот, обичаите, е во голема опасност без системски законски решенија, без планирање, финансирање и реализација на проекти. Тоа прави поголеми штети и без надворешните влијанија врз македонскиот идентитет, смета лингвистот и експерт по заштитата на  културното наследство Александар Јорданоски. Тој синоќа во прилепската градска библиотека Борка Талески ја промовираше својата книга со стручни текстови „Културолошките точки нa Македонија“.

Објавено на

часот

Сподели

„Уште во 1988 година имало иницијатива во законската регулатива да се вметне духовното или нематеријалното културно наследство како содржина. И без надворешни влијанија, и без Преспанскиот и договорот со Бугарија, ние успеавме дури 2004 година да го вметнеме нематеријалното културно наследство во регулативата. Никој не ни пречел, но цели 16 години ние тоа не сме го направиле и какво оправдување имаме? Потребен е системски и квалитативен приод, а не ад-хок и парцијални решенија. Тоа е што недостасува во нашата држава. Тоа значи планирање, финансирање и реализирање проекти, а ние тоа го немаме“, рече Јорданоски.

Сегашниот Закон за културното наследство е веќе надминат, а Јорданоски предупредува на уште поголема опасност – иселувањето.

„Условите во кои живееме и менувањето на општеството налагаат и менување на законската регулатива. Поголема е и опасноста од иселувањето што го намалува квалитетот во заштитата на културното наследство. Ќе немаме луѓе кои ќе ги реализираат проектите и тука е најголемата опасност“, смета Јорданоски.

На иселувањето како голема опасност за духовното, нематеријалното културно богатство предупредува и еден од промоторите Александар Василески, директор на Институтот за старословенска култура од Прилеп.

„Оваа книга се осврнува на најгорливите прашања во нашето културно наследство и неговата заштита. Институтот за старословенска култура од 2010 година е овластен субјект за заштита на нематеријалното, на духовното културно наследство и со сите ресурси го прави тоа. Несомнено има предизвици во ова. Нематеријалното наследство е загрозено од аспект што постојано се внесуваат некои елементи во традиционалните обичаи, се забораваат обичаите, цели населби, села се раселуваат и на тој начин нема носители кои ова наследство би го предале на следните генерации“, рече Василески на синоќешната промоција на книгата „Kултуролошките точки на Македонија“ од лингвистот и есперт по заштитата на културното наследство, Александар Јорданоски во градската библиотека во Прилеп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ