„Уште во 1988 година имало иницијатива во законската регулатива да се вметне духовното или нематеријалното културно наследство како содржина. И без надворешни влијанија, и без Преспанскиот и договорот со Бугарија, ние успеавме дури 2004 година да го вметнеме нематеријалното културно наследство во регулативата. Никој не ни пречел, но цели 16 години ние тоа не сме го направиле и какво оправдување имаме? Потребен е системски и квалитативен приод, а не ад-хок и парцијални решенија. Тоа е што недостасува во нашата држава. Тоа значи планирање, финансирање и реализирање проекти, а ние тоа го немаме“, рече Јорданоски.
Сегашниот Закон за културното наследство е веќе надминат, а Јорданоски предупредува на уште поголема опасност – иселувањето.
„Условите во кои живееме и менувањето на општеството налагаат и менување на законската регулатива. Поголема е и опасноста од иселувањето што го намалува квалитетот во заштитата на културното наследство. Ќе немаме луѓе кои ќе ги реализираат проектите и тука е најголемата опасност“, смета Јорданоски.
На иселувањето како голема опасност за духовното, нематеријалното културно богатство предупредува и еден од промоторите Александар Василески, директор на Институтот за старословенска култура од Прилеп.
„Оваа книга се осврнува на најгорливите прашања во нашето културно наследство и неговата заштита. Институтот за старословенска култура од 2010 година е овластен субјект за заштита на нематеријалното, на духовното културно наследство и со сите ресурси го прави тоа. Несомнено има предизвици во ова. Нематеријалното наследство е загрозено од аспект што постојано се внесуваат некои елементи во традиционалните обичаи, се забораваат обичаите, цели населби, села се раселуваат и на тој начин нема носители кои ова наследство би го предале на следните генерации“, рече Василески на синоќешната промоција на книгата „Kултуролошките точки на Македонија“ од лингвистот и есперт по заштитата на културното наследство, Александар Јорданоски во градската библиотека во Прилеп.