Мислам дека сме блиску до решение со синдикатите, ако продолжиме со овој интензитет, прашање на денови е кога ќе го заокружиме ова прашање, вели во интервју за МИА министерот за финансии Фатмир Бесими кој е директно вклучен во преговорите со синдикатите за зголемувањето на платите и за новата методологија на плати во јавниот сектор.
„Има солидна клима, меѓусебна доверба, волја за решение, треба уште некои финеси да ги завршиме“, истакнува Бесими, додавајќи дека е рационален оптимист.
Тој на неговиот Фејсбук-профил денеска објави дека купил граѓанска обврзница од 10.000 денари, за да го илустрира процесот на инвестирање и придобивките за граѓаните и земјата. Бесими пишува дека инвестицијата ќе ја подари на неговата 14-годишна ќерка, како нејзина прва инвестиција за подобра иднина на нејзината татковина.
Денеска решив симболично да купам една „Граѓанска обврзница„ за да го илустрирам процесот на инвестирање и придобивките за граѓаните и земјата, поднесов барање до банката за купување хартии од вредност, граѓанска обврзница, банката ќе ме извести за резултатот од аукцијата што ќе се одржи на 13 јули 2023 година, сопственоста на граѓанските обврзници ќе се евидентира во Депозитарот за хартии од вредност на 20 јули 2023 година“, напиша Бесими.
Министерот вели дека оваа инвестиција од 10.000 денари се очекува две години по ред да носи принос од 500 денари и тоа на 20 јули 2024 година и истиот датум во 2025 година, кога, ќе му биде вратена вложената вредност.
Тој ги покани граѓаните да бидат дел од овој процес, за кој вели дека нуди „лична благосостојба и сигурни и поволни инвестиции“.