вторник, 22 октомври 2024

Беса Арифи е новата шефица на македонската делегација во ГРЕКО

Објавено на

часот

Сподели

„Владата на 174-тата седница одржана на 25 јули ја разгледа и усвои Информацијата на Министерството за правда за именување на нов шеф на делегацијата на Република Северна Македонија во ГРЕКО на Советот на Европа. Потребата за именување на нов шеф на делегацијата се јави како резултат на поднесената оставка од позицијата шеф на делегацијата на Република Северна Македонија во ГРЕКО, д-р Ана Павловска Данева.
Имајќи го предвид наведеното, во изминатиот период од неколку месеци детално се анализираа решенијата за профил на личност од академската заедница чија потесна специјалност го опфаќа кривичното право особено во контекст на фактот што примарна цел и фокус на на делување на ГРЕКО се мерките и механизмите за спречување и борба против корупција на земјите членки.  Проф.д-р Беса Арифи   активно работи во областа на кривичното право и преку членување во голем број професионални организации на домашно и на меѓународно ниво како и опсежна истражувачка работа“, одговорија од Министерството за правда на прашање на МКД.мк, зошто токму Арифи е предложена и избрана за нова шефица на делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО.  

Според бигорафијата објавена на официјалната страница на Универзитетот на Југоистична Европа, Беса Арифи е редовна професорка по кривично право. Родена е во Тетово на 31 октомври 1981 година. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистерската во јули 2006 година на тема „Заемна правна помош во кривичната материја“, а докторирала во октомври 2010 година на тема „Позицијата на жртвата во кривичното право“.

Универзитетската кариера ја започнала Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово кога во март 2004 година се вработила како помлад асистент на Правниот факултет.

Надвор од академската кариера, Беса Арифи е позната како сестра на поранешната пратеничка, министерка за евроинтеграции и градоначалничка на Тетово, Теута Арифи за која нејзината партија ДУИ никогаш не потврди дека беше предложена за амбасадорка во Америка, Турција и во Европската Унија но поради негативна проценка од овие три држави таа никогаш официјално беше промовирана во јавноста.   

Беса Арифи во јавноста е позната и по колумната „А штрајкот со глад кога ќе го почнат?“ објавена во јануари 2018 година која предизвика гнев и лавина реакции особено помеѓу нејзините колешки, универзитетските професорки, Каролина Ристова Астеруд и Мирјана Најчевска кои Арифи анализирајќи нивни ставови за Законот за употреба на албанскиот јазик, пишува дека тие се „непостоечки правни аргументи за да се покријат шовинистички и фашизоидни тези“ и ги споредува со „челниците на Третиот Рајх кои во Нирнбершкиот трибунал се труделе со легалистички аргументи да го оправдаат Холокаустот.“  

Арифи е членка и на Комисијата која ги подготви последните предлог-измени на Уставот.

ГРЕКО е антикорупциското мониторинг тело на Советот на Европа со седиште во Стразбур, Франција, основано во 1999 година, како проширен делумен договор од 17 земји-членки на Советот на Европа.

Целта на ГРЕКО е да го подобри капацитетот на своите земји-членки за борба против корупцијата преку следење на нивната усогласеност со антикорупциските стандарди на Советот на Европа преку процес на меѓусебна евалуација. Тоа помага да се идентификуваат недостатоците во националните антикорупциски политики, со цел да се поттикнат неопходните законодавни, институционални и практични реформи.

Во моментов во ГРЕКО членуваат 50 држави од кои 48 се членки на Советот на Европа.

                                                                                                                       Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ