сабота, 27 јули 2024

Берлин: Постојат индиции дека е користено недоволно безбедно средство за комуникација

Портпаролката на германското Министерство за одбрана, во врска со прислушуваниот разговор на германски офицери што во петокот го објавија руските медиуми, изјави дека постојат индиции дека е користено недоволно безбедно средство за комуникација.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е, меѓу другото, предмет на понатамошна истрага“, изјави таа за Билд ам зонтаг, според Велт.

Некои германски медиуми пишуваат дека офицерите на Бундесверот чиј разговор бил пресретнат разговарале преку апликацијата Вебекс.

Парламентарната комесарка за вооружени сили Ева Хегл (СПД) рече дека сите одговорни на сите нивоа на Бундесверот мора веднаш да бидат обучени за безбедна комуникација.

Хегл за медиумската група „Функе“ изјави дека мора да се гарантира дека сигурни и тајни информации и комуникација се можни на стабилен начин.

„Ако технички тоа не е случај секаде, мора веднаш да се догради. Покрај тоа, мора да се инвестира повеќе во одбраната од шпионажа. За таа цел мора да се зајакне воената контраразузнавачка служба на Бундесверот – кадровски и материјално“, изјави Хегл.

Според неа, инцидентот покажува итна потреба од акција.

Медиумите во Германија претходно објавија дека германското Министерство за одбрана ја потврдило автентичноста на снимката од интерен разговор на четворица офицери на Бундесверот, чија снимка ја пренесоа руските медиуми во петокот попладне.

„Сојузната канцеларија за воено контраразузнавање ги иницираше сите неопходни мерки“, изјави во саботата портпаролката на германското Министерство за одбрана.

Во петокот, Маргарита Симонјан, шефицата на рускиот државен канал РТ, објави аудио снимка од приближно 30-минутен разговор, во кој, како што објавија медиумите, се слушаат четворица офицери на Бундесверот како разговараат за техничките можности на крстосувачки ракети таурус и за тоа дали германските крстосувачки ракети технички се способни да го уништат мостот на Крим.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ