сабота, 18 мај 2024

Берлин ја обвини Москва за „неподнослив“ сајбер напад

Берлин денеска ги обвини хакерите за кои рече дека биле поддржани од Москва и дека извршиле „неподнослив“ сајбер напад врз Социјалдемократската партија (СПД), предупредувајќи дека нападот нема да помине без последици.

Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Денес можеме недвосмислено да кажеме дека тој сајбер напад можеме да го припишеме на групата наречена АПТ28, со која управува руското воено разузнавање“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која е во посета на Австралија.

„Со други зборови, тоа беше сајбер напад поддржан од Русија против Германија и тоа е апсолутно неподносливо и неприфатливо и ќе има последици“, додаде Бербок на прес-конференција во Аделаида.

Сојузната истрага за нападот насочен против германската партија СПД, водечката партија во владејачката коалиција, во јануари 2023 година е речиси завршена, прецизираше министерката без да даде дополнителни детали.

Групата АПТ28, позната и како Фенси Бер, е обвинета дека е одговорна за десетици сајбер напади низ целиот свет.

Бербок го изјави ова по состанокот со својата австралиска колешка Пени Вонг, која изрази длабока загриженост и увери дека Берлин ја има поддршката на Австралија.

„Веќе им се придруживме на САД, Обединетото Кралство, Канада и Нов Зеланд во припишувањето на малициозни сајбер активности на групата АПТ28“, изјави министерката Вонг.

Во 2023 година, Агенцијата за сајбер безбедност на Европската Унија откри информации од германските медиуми кои укажуваат дека функционер на СПД бил цел на сајбер напад во кој е можно откривање на податоци. Агенцијата тогаш посочи дека има поконкретни знаци дека нападот е од руско „потекло“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ