сабота, 27 јули 2024

Бендевска: Финишираат преговорите на ЗНАМ со ВМРО-ДПМНЕ, за конкретни ресори не е разговарано

Преговорите на ЗНАМ со ВМРО-ДПМНЕ како партија која освои најмногу мандати на парламентарните избори се во финална фаза, вели Весна Бендевска од Движењето ЗНАМ за наша Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Бендевска, која е дел од преговарачкиот тим на ЗНАМ за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, вечерва во гостување на ТВ Сител рече дека за  ресорите што би ги добиле се разговара врз основа на платформа, стратегиски определби и политички начела.

„На тој начин многу сериозно пристапивме во овие преговори. Преговорите официјално ги започнавме во саботата, ја известивме јавноста бидејќи ветивме дека ќе известуваме транспарентно за преговарачкиот процес, но во краток период, условно да кажам, веќе можеме да кажеме дека во очи на утрешната собраниска конститутивна седница преговорите меѓу  Движењето ЗНАМ за наша Македонија и ВМРО-ДПМНЕ се во крајна финална фаза“, рече Бендевска.

Како коментар на објавите во медиумите дека ЗНАМ ќе ги добие ресорите администрација и правда, Бендевска наведе дека не разговарале конкретно за ресори, туку, како што рече, за придонес од  платформските и политичките начела на кои се базира Движењето ЗНАМ и можноста тие да влезат и да станат дел од идната владина програма.

„Она за кое разговаравме многу сериозно со ВМРО ДПМНЕ е дека ќе мора да биде прифатена основната платформа за соработката, со која настапивме и на параламентарните избори, која ја нарековме ‘Проглас за достоинствена Македонија’. Во неа ние Република Македонија ја гледаме како современа, модерна, европска држава, втемелена врз Крушевскиот Манифест и асномските принципи. Република Македонија како самоодржлива држава, бидејќи мора да покажеме темелни реформи со кои ќе одиме во насока сами да можеме да обезбедиме ресурси со што ќе го подигнеме капацитетот на независност и суверенитет на оваа држава и се разбира, она што е клучно за сите граѓани, а тоа е Република Македонија како држава која испорачува правда за сите, не селективно, туку буквално правда за секој граѓанин, која промовира нулта толеранција кон корупција и ефикасна и брза борба против организираниот криминал. Секако тука се и стабилните меѓуетнички односи, како столб на државата“,
нагласи Бендевска.

На прашањето што конкретно треба да се направи во ресорот правда, Бендевска одговори:

„Темелни реформи. Ние започнавме со генералниот став дека реформите се
потребни во судството и обвинителството и за нас ветингот сметаме дека не може да се реализира без претхдно да се проверат темелно сите јавнообвинителски акти и сите судски пресуди. Тогаш ќе знаеме каде ни се случувале проблемите за да може правосудниот систем да има рејтинг на ниво на статистичка грешка. Потоа најавуваме дека ќе инсистираме да се вртат одредбите во Кривичниот закон кои беа избришани, а се однесуваат на бришење на злоупотребата на службената положба. Мора да се вратат и да се зголеми казната затвор на десет години. Многу искрено и чесно влеговме во овие преговори, бидејќи сме свесни за сушината и важноста за овој историски момент и пресврт кој треба да се случи во Република Македонија. Институциите се колабирани и буквално го имаат допрено дното, особено ресорот правосудство. Ќе мора да  започнеме со темелни реформи кои ќе значат сериозна борба против корупцијата и организираниот криминал и тука нема никаква дилема, ниту било каква селективност“, потенцира Бендевска.

На прашањето каде се гледа себе си во наредниот период, во Собранието или има други амбиции, Бендевска одговори:

„Десет години бев надвор од политичката сцена. Се гледам онаму каде што ќе бидам најкорисна. Во овој момент не можам да кажам каде се гледам лично. Ќе повторам дека одлуките ќе ги донесат партиските органи “.

Утрешниот ден, како што посочи, ќе биде посветен на конститутивната седница и првиот слободен момент ќе бидат познати и кадровските решенија и ресорите што ги добива Движењето ЗНАМ во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Најпристојно ќе биде кадровските решенија, а најпростојно е да ги соопшти мандатарот“, рече Бендевска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ