четврток, 24 октомври 2024

Белоруските власти објавија резултати од изборите, кои ја зацврстуваат власта на Лукашенко

Белоруските власти ги објавија прелиминарните резултати од парламентарните и локалните избори, на кои им беше дозволено да учествуваат само на кандидатите лојални на претседателот Александар Лукашенко.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Опозицијата повика на бојкот на завчерашните избори, кои дополнително го зајакнуваат 30-годишното владеење на Лукашенко, бидејќи повеќето кандидати ѝ припаѓаа на една од четирите официјално регистрирани партии (Белаја Рус, Комунистичката партија, Либерално-демократската партија и Партијата на трудот и правдата), сите сојузници на власта.

Централната изборна комисија објави дека гласале 73 отсто од 6,9 милиони гласачи и дека 51 од 110 места во парламентот ѝ припаднале на партијата Белаја Рус.

Завчера, на денот на изборите, Лукашенко изрази намера да се кандидира за уште еден петгодишен мандат на претседателските избори следната година.

Вчерашното гласање беше прво во Белорусија по претседателските избори во август 2020 година, кога Лукашенко го освои шестиот мандат. Тие избори предизвикаа бран масовни демонстрации, со учество на стотици илјади луѓе.

За време на повеќемесечните протести, повеќе од 35.000 луѓе беа уапсени, илјадници беа претепани во притвор, а стотици независни медиуми и невладини организации беа затворени и забранети.

На Лукашенко, кој во времето на протестите се потпираше на субвенции и политичка поддршка од главниот сојузник, Русија, претседателот на земјата Владимир Путин му честиташе за „убедливата победа на патриотските сили на Белорусија, која придонесува за обезбедување внатрешна политичка стабилност.“

Белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановска, која се засолни во соседна Литванија по претседателските избори во 2020 година, повика на бојкот на изборите, кои ги опиша како „бесмислена фарса“.

„Фарса. Измама. Воена операција. Има многу зборови за да се опише она што се случува во Белорусија. Но немојте да ги нарекувате избори“, изјави Тихановска за Асошиетед прес.

Изборите се одржаа во време на безмилосна пресметка на власта со неистомислениците. Зад решетки има повеќе од 1.400 политички затвореници, меѓу нив и лидерите на опозициските партии и истакнатиот борец за човекови права Алеш Бјалијатски, добитник на Нобеловата награда за мир во 2022 година.

Без да даде докази, Лукашенко пред гласањето рече дека западните земји коваат планови за државен удар во Белорусија или за преземање на власта со сила и ѝ нареди на полицијата да ги засили оружените патроли.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ