недела, 19 мај 2024

Белорусија ја проверува подготвеноста на вооружените сили за распоредување нуклеарно оружје

Белорусија почна да ја тестира подготвеноста на своите вооружени сили за распоредување на тактичко нуклеарно оружје паралелно со подготовките за нуклеарна вежба што ја спроведува Русија, објавија денеска белоруските државни медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Државната новинска агенција Белта го цитираше белорускиот министер за одбрана Виктор Кренин дека претседателот Александар Лукашенко наредил ненајавена проверка на силите задолжени за овој тип на вооружување, пренесува Ројтерс.

„За време на инспекцијата ќе биде проверен целиот опсег на активности од планирање, подготовка и употреба на тактичко нуклеарно оружје“, рече Кренин, додавајќи дека проверките ја вклучуваат ракетната дивизија „Искандер“ и ескадрилата на авионите СУ-25.

Лукашенко во април изјави дека „неколку десетици“ руски тактички нуклеарни ракети биле распоредени во Белорусија како дел од договорот објавен минатата година од него и рускиот претседател Владимир Путин како мерка за одвраќање за Западот.

Тактичкото нуклеарно оружје е дизајнирано за употреба на бојното поле, за разлика од стратешките боеви глави кои се дизајнирани да уништуваат цели непријателски градови, наведува британската агенција.

Русија во понеделникот објави дека ќе вежба за распоредување на такво оружје како дел од воените маневри организирани по заканите од Франција, Велика Британија и САД.

Портпаролот на украинската воена разузнавачка служба изјави дека Киев не гледа ништо ново во овие маневри бидејќи „методот на уцена со нуклеарно оружје е постојана практика на режимот на Путин“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ