сабота, 27 јули 2024

Белорусија го суспендираше учеството во Договорот за конвенционални сили во Европа

Белорускиот претседател Александар Лукашенко потпиша декрет за суспендирање на учеството на неговата земја во Договорот за конвенционални вооружени сили (ЦФЕ), кој го ограничува движењето на воените трупи и оружјето низ европскиот континент.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Указот, кој беше потпишан на 24 мај, беше објавен денеска во официјалниот весник на таа поранешна советска република, близок сојузник на Русија, која истовремено граничи и со Русија и со Украина.

Белорусија не е директно вклучена во војната во Украина, но ја даде својата територија на руската армија за да започне напад врз Украина во февруари 2022 година.

По жестоко оспорениот реизбор на претседателските избори во 2020 година, Лукашенко, кој е на власт во Белорусија речиси три децении, значително се приближи до Москва. Русија го поддржува неговиот режим финансиски, дипломатски и воено, пишува Франс прес.

Во 2007 година, Русија еднострано го суспендираше учеството во Договорот за конвенционални сили во Европа, со кој се ограничуваат трупите и опремата – тенкови, авиони, артилерија, од Атлантикот до Урал и предвидува меѓусебна размена на информации и инспекции. Таа беше учесник во договорот од 1990 година.

Москва тогаш оцени дека договорот е анахрон и ја објасни својата одлука со одбивањето на западните земји потписнички, особено членките на НАТО, да ја ратификуваат новата верзија на договорот адаптирана во Истанбул во 1999 година.

Според Русија, како услов за ратификација на договорот, тие земји побарале почитување на посебните договори за повлекување на руските војници од Придњестровје во Молдавија и од сепаратистичките грузиски републики.

Во 2023 година, рускиот претседател Владимир Путин потпиша официјално излегување на Русија од Договорот ЦФЕ.

Договорот од 1990 година, преговаран и склучен на крајот на Студената војна и потпишан една година по падот на Берлинскиот ѕид, постави ограничувања на распоредувањето воена опрема за одржување на воената рамнотежа меѓу НАТО и земјите од тогашниот Варшавски пакт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ