сабота, 27 јули 2024

Белград и Приштина постигнаа договор

Објавено на

часот

Сподели


Постигнат е договор Косово на регионалните форуми да биде претставувано со фуснота во која ќе бидат наведени Резолуцијата 1.244 и мислењето на Меѓународниот суд на правдата за декларацијата за независност.

Во текстот на фуснотата ќе пишува: „Овој назив, без прејудицирање за статусот на Косово, е во согласност со резолуцијата 1.244 и мислењето на МСП за декларацијата за независност на Косово“, јавува дописникот на РТС од Брисел.

Шефот на српскиот преговарачки тим Борислав Стефановиќ изразил задоволство од резултатот на повеќедневните рунди разговори и потенцирал дека се исполнети сите очекувања на Република Србија.

Стефановиќ оценил и дека се исполнети сите критериуми за добивање кандидатски статус.

„Слободата на движење е овозможена, примената на спогодбата е овозможена. Договорот во целост ги исполнува нашите барања“, изјавил Стефановиќ.

Шефицата на преговарачкиот тим од Приштина до 13 часот не се појавила пред новинарите.

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон, и комесарот за проширување Штефан Филе оцениле дека договорот меѓу Белград и Приштина е голем чекор напред.

„Кога станува збор за Србија, договорите за регионална соработка и интегрирано управување на премините се особено добредојдени во пресрет на расправата на Советот на Европа за кандидатскиот статус на Србија следната недела“, се наведува во соопштението.

За Косово договорот ќе значи дека петте членки што не му ја признаваат независноста повеќе нема да имаат забелешки за соработката на ЕУ со Приштина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ