недела, 23 март 2025

Белгискиот премиер: Одземањето на замрзнатиот руски имот е чин на војна  

Белгискиот премиер Барт де Вевер изјави вчера по состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел дека конфискацијата на речиси 200 милијарди евра замрзнат руски имот од Европа би била „чин на војна“. Исто така, тој предупреди дека таквиот потег би претставувал „ризик за севкупниот светски финансиски систем“ и би предизвикал „одмазда на Москва“, пренесува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Предупредувањето на Де Вевер следи во моментот кога европските земји како Франција, Обединетото Кралство и Шпанија стануваат сè понаклонети кон идејата да го конфискуваат рускиот имот што е замрзнат од почетокот на конфликтот во Украина во февруари 2022 година. Нивна цел е овие средства да се искористат за зајакнување на украинската одбрана и за зголемување на преговарачката моќ на Киев во идните мировни преговори со Русија.

Белгија има особен интерес бидејќи повеќето замрзнати руски средства во Европа се наоѓаат во Еуроклиар, финансиска институција со седиште во Брисел.

Властите стравуваат дека предавањето на тие средства на Украина би го изложила Еуроклиар на дополнителни тужби. Во моментов фирмата е вклучена во повеќе судски спорови, при што одделни случаи се водат во судовите во Русија, каде што се настојува да се оспори замрзнувањето на имотот и се бара надомест на штетата.

„Не живееме во светот на фантазијата. Во реалниот свет, ако некому му одземете 200 милијарди евра, тоа ќе има последици“, порача Де Вевер.

Во минатата година земјите од Г7 постигнаа договор дека наместо самиот имот, ќе ги користат приходите што ги создава тој за издавање заем на Украина во вредност од 50 милијарди евра.

Меѓутоа, некои држави сега заговараат порадикален пристап. Во почетокот на март француските претставници поддржаа необврзувачка резолуција со која ја повикуваат ЕУ да го конфискува рускиот имот и да го искористи за помош на Украина. Шпанија исто така ја поддржа оваа идеја на затворениот состанок на лидерите на ЕУ.

„Не можеме да го претставуваме имотот како касичка на Путин која можете едноставно да ја скршите со чеканче и да ги потрошите парите на сè што сакате… зашто реалноста не е толку едноставна“, порача Де Вевер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ