Американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц го предупреди украинскиот претседател Володимир Зеленски да не ги тестира границите на трпението на Америка, финансиската поддршка и воените ресурси, тврдејќи дека сега е време да се отиде на преговори наместо да се пролонгира конфликтот со Русија.
„(Зеленски) воопшто не е подготвен да разговара за мир. Тука е проблемот, времето не е на негова страна. Времето не е на страната на бесконечното продолжување на овој конфликт“, рече денеска Волц за Фокс њуз.
Посетата на Зеленски на Белата куќа минатиот петок беше ненадејно прекината по жестоката расправија со американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс пред камерите.
По тензичниот состанок на Овалната соба, Волц посочи дека неуспехот на Зеленски да го постигне посакуваниот исход и направил на Украина „вистински лоша услуга“.
„Навистина ни беше збунувачки што Зеленски во петокот можеше да ја напушти Белата куќа кога САД и Украина се економски поврзани една генерација“, рече тој.
Волц, исто така, ја критикуваше тековната „рововска војна во стилот на Првата светска војна“ како скапа стратегија и ја нагласи посветеноста на Трамп за ставање крај на конфликтот.
Во интервју за Брајтбарт радио во саботата Волц го спореди Зеленски со „бивша девојка што сака да се расправа за сè што сте кажале пред девет години, наместо да ја придвижи врската нанапред“.