сабота, 27 јули 2024

Бектеши: Со Законот за нефер трговски практики цените ќе се намалуваат, квалитетот ќе расте

Новиот закон за забрана на нефер трговски практики предвидува намалување на рабатот до максимум десет проценти на годишно ниво. Тоа, како што изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, ќе ги намали цените на земјоделските и прехранбените производи, но и ќе влијае врз подобрување на нивниот квалитет. Рабат претставува намалување на продажната цена на одреден производ или услуга, што продавачот му го одобрува на купувачот. Бектеши денеска повтори дека производите наведени во Одлуката на Владата за гарантирана цена нема да бидат опфатени со предвиденото зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ). Доколку има какви било технички грешки, рече Бектеши, ќе се корегираат.

Објавено на

часот

Сподели

Во законот се содржани околу 26 нефер трговски практики, а за прилагодување на компаниите кон понудените решенија е одреден рок од шест месеци.

Според бизнис секторот, но не е исклучено тој да се скрати, доколку добавувачите и купувачите се соодветно подготвени. 

За непочитување на законските одредби засега се предвидени глоби до 20 000 евра. Но, и во однос на овој дел од предлог-текстот ќе може да се разговара па затоа бизнис заедницата има можност да достави забелешки најдоцна до 25 октомври, најави министерот Бектеши.

Законот кој денеска беше презентиран во Стопанската комора, е веќе на веб страницата на ЕНЕР и ќе се носи со европско знаменце.

„Не само што ќе има намалување на цените, туку и ќе се подобри квалитетот на производите. Во законот е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат или годишните надоместоци кои би можеле купувачите, во овој случај ланците супермаркети, да ги бараат од производителите и добавувачите. Рабатот сега надминува 30 – 40 отсто од производствената цена, а со законот ќе биде најмногу 10 отсто и во рамки на тоа маркетите ќе конкурираат меѓу себе што ќе влијае врз намалување на цените“, рече Бектеши по работниот состанок во Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Како што напомена Васко Ристовски од СКМ, се очекува законот да воспостави ред на пазарот со земјоделските и прехранбените производи.

„Ова е сосема нов закон, нова работа за сите нас. На состанокот беа отворени доста прашања што беа нејасни за бизнис секторот. Се работи за европски закон, прилагоден за нашиот пазар. Сметаме дека ќе се воведе ред и дека сѐ ќе биде законски регулирано. Начелно останува овој период од шест месеци прилагодување на компаниите и сметаме дека нема да има никакви проблеми. Евентуалните забелешки треба да произлезат во наредниот период, во следните 20 дена. Треба да сумираме зашто секој има свое гледиште, и компаниите и ланците маркети. Ако има забелешки тоа ќе го сублимираме во еден документ кој ќе се достави до ресорното министерство. Имаме време да ги разгледаме и да ги појасниме работите, можеби ние погрешно ги толкуваме, можеби има простор каде што ќе може да се интервенира“, истакна Ристовски.

Текстот на законот е во финална фаза. Многу е важно, нагласи Бектеши, што директивите од ЕУ се вметнати во него. Целта е, дополни, преку дијалог во кој ќе бидат вклучени сите страни, да се донесе најдоброто решение за да не се направи штета никому. Најбитно од сѐ, оцени министерот, е тоа што овој закон ќе ги уреди условите и начинот како ќе се врши трговијата во делот на земјоделските и прехранбените производи.

„Нема да се дозволи да се користи моќ на која било компанија врз другите фирми. Тоа, пак, би требало веднаш да влијае врз намалување на цените и врз подобрување на нивниот квалитет, како и врз предвидливоста и сигурноста на добавувачите и купувачите“, рече Бектеши.

Ова е прв пат во Македонија да се носи Закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи

Рабат претставува намалување на продажната цена на одреден производ или услуга, што продавачот му го одобрува на купувачот. Како причина за одобрување на рабат може да биде количината што ја зема купувачот или задоволува одредени услови за да добие пониска цена.

Рабатот е алатка со којашто производителот или дистрибутерот на производите би сакал да привлече клиенти или е одраз на доверба со деловниот партнер со којшто има долгогодишна соработка.

Постојат повеќе видови на рабат што продавачот може да им ги одобри на купувачите. Може да биде постојан или променлив, во зависност од тоа дали производителот сака да стимулира поголем обем на продажба. Исто така, рабатот може да биде детерминиран и од рокот на плаќање. На пример, купувачот може да добие повисока стапка на рабат, доколку рокот на исплаќање на обврските е пократок, а пониска стапка ако рокот на достасување на обврските е подолг.

Постои и сезонски и вонсезонски рабат, во зависност од тоа дали продажбата на артикли има сезонски карактер.

Бектеши денеска повтори дека производите наведени во Одлуката за „гарантирана цена“ нема да бидат опфатени со предвиденото зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ). Доколку има какви било технички грешки, рече Бектеши, ќе се корегираат.

Тој уште еднаш потсети дека листата на производи со зголемен ДДВ е предлог на Министерството за финансии и на неа, истакна, со месеци работеле стручни луѓе.

Според Бектеши, сепак, повеќето производи остануваат со пет отсто ДДВ.

„Доколку има какви било технички грешки, ќе се корегираат, а и веќе се корегирани целосно. Направено е и повеќе од тоа по предлог на медиумите и на граѓаните. Листата се прошири и повеќето од производите остануваат со пет отсто ДДВ. За останатите производи, како е утврдено да одат од пет до 10 отсто и кои се критериумите, би ве замолил да се обратите до Министерството за финансии. За нас, како Министерство за економија, е важно основните прехранбени производи, тие кои се на листата за замрзнати цени и со ознаката „гарантирана цена“ да останат на пет отсто ДДВ и тоа ќе биде така“, нагласи Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по работниот состанок во Стопанската комора.

Тој, како што рече, сѐ уште не проверил дали листата е објавена.

Пред два дена Владата донесе Одлука за прецизирање на прехранбените производи кои имаат најниска стапка на ДДВ. Согласно Одлуката, со повластената стапка од пет отсто се даночат најголем дел од основните прехранбени производи меѓу кои: урдата, замрзнатото тесто, бебешките каши и адаптираното млеко за доенчиња, одредени видови кашкавали, лутеница, хербални чаеви, бибер, црвен пипер, вафли и наполитанки, конзервирано цвекло, феферони.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ