„Каталонците“ продолжуваат со лошата форма, на трет натпревар по ред немаат победа откако вечерва не успеаја да слават против Валенсија.
Избраниците на Чави креираа доволно шанси за со цел плен да си заминат од „Местаља“, но лошата реализација одново беше проблем.
Барселона поведе по десетина минути игра во второто полувреме, Жоао Феликс постигна лесен гол на асистенција на Рафиња за 0-1, но домаќините се вратија во игра во 70. минута, кога Гиљамон прекрасно погоди во аголот од врвот на шеснаесетникот за 1-1.
Рафиња потоа имаше две можности да ја врати Барса во водство, но не успеа да реализира изгледни прилики и гостите испуштија два бода.