Во одлуката, објавена на сајтот на Советот на Европа, комитетот на министри се повикува на Договорот за патот кон нормализација на односите на Косово и Србија од 27 февруари и неговиот имплементациски анекс од 18 март, за кои лидерите на двете страни постигнаа согласност во дијалогот со посредство на ЕУ.
За одлуката на комитетот на министри беше потребно двотретинско мнозинство.
Парламентарното собрание на Советот на Европа утре во Стразбур го почнува редовното пролетно заседавање.
Приштина на 12 мај минатата година поднесе барање за членство во Советот на Европа.
Потенцијалната членка мора да ги исполнува критериумите на Советот на Европа во доменот на демократијата, почитувањето на човековите права и владеењето на правото. Процесот на усогласување со стандардите на Советот на Европа го контролираат пратениците на парламентарното собрание.
Доколку поднесувачот на барањето за членство добие двотретинско мнозинство гласови и во парламентарното собрание на Советот на Европа, барањето се враќа на комитетот на министри на конечна потврда.
Советот на Европа веќе има канцеларија во Приштина преку која ги реализира програмите за поддршка на косовските институции и јакнењето на владеењето на правото и заштитата на културното наследство, а Косово досега успеа да стане полноправна членка во некои тела на Советот на Европа, како Банката за развој на СЕ (ЦЕБ) и Венецијанската комисија.