„За време на финансиската криза во 2009 година месечно бележевме околу 1.400 стечаи на партнерства и компании. Сега повторно го достигнавме тоа ниво“, додаде Милер. Но, во 2009 година половина од вкупната бројка ја правеа несолвентни микропретпријатија со најмногу десет вработени, а денес пред стечај се 500 такви компании.
Во актуелните податоци за стечаи поголемиот дел се поголеми компании и во стечајните постапки се губи повеќе економска супстанца, истакна Милер.
Истражувањето на институтот го потврдува извештајот на кредитната агенција Кредитреформ од декември, според кој бројот на стечаи на германските компании го достигнал највисокото ниво од 2015.
Вкупно во 2024 се регистрирани околу 121.300 стечајни постапки, вклучувајќи лични и други банкроти, за 10,6 отсто повеќе од 2023. „Кризата во изминатите години сега ги погодува фирмите со временско растојание, во вид на стечај“, вели шефот на економски истражувања во Кредитреформ Партик Лудвиг Ханч.
„Тоа значи дека бројот на стечаи наскоро може да се изедначи со рекордните нивоа од 2009 и 2010 година, кога банкротираа повеќе од 32.000 компании“, додаде Ханч.
Шефот на истражувања во ИВХ напоменува дека дел од банкротот е резултат на пандемијата на ковид и повеќегодишниот период на многу ниски каматни стапки на Европската централна банка. Компаниите кои некогаш имаа корист од евтиното финансирање сега мака мачат со високите камати, објасни Милер.