сабота, 27 јули 2024

Банана филм: Пријавивме корупција во Агенцијата за филм, а тие ни поднесоа кривична

Објавено на

часот

Сподели

„Ниту еден надлежен орган не утврдил неправилности во работата на ‘Банана филм’ и ниту еден надлежен орган во моментов не води постапка против оваа продуцентска куќа. Напротив, неколку институции веќе заклучиле дека Агенцијата за филм работи незаконски.

Според записникот на инспекцијата на Министерството за култура од 4 април 2023 година, инспекторот јасно и недвосмислено утврдил дека нема неправилности во  работата на ‘Банана филм’, поради што и ја запрел постапката за инспекциски надзор.

‘Не е утврдено ненаменско или спротивно на договорот користење на средства добиени од Агенцијата за филм, од причина што корисникот на средствата се придржувал кон финансискиот и оперативен план согласно Законот за филмска дејност’, пишува во записникот (ИП.бр.57-27 од 4 април 2023)“, се вели во реакцијата на „Банана филм“.

Според нив, инспекцијата на Министерството за култура ја разгледувала нивната работа по барање токму на Агенцијата за филм.

Филмовите на „Банана филм“ се резултат на меѓународни копродукции и поминуваат со позитивни оценки низ домашни и странски ревизии, како и на паневропскиот фонд Еуримаж, и низ инспекција на Министерството за култура.

Во реакцијата на „Банана филм“ се потсетува и на добиените позитивни извештаи токму од  Агенцијата за филм за сите нивни филмови – „Мајки“ (2010), „Врба“ (2019) и „Кајмак“ (2022).

„Групата која сега незаконски владее со Агенцијата за филм ја пласира лагата за наводни неправилности во ‘Банана филм’ за да го дискредитира најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски и неговите домашни и меѓународни успеси кои се без преседан во современата македонска култура.

Оваа кривична пријава е поднесена со цел да се оправдаат најмалку две незаконски постапки на Агенцијата – незаконското одбивање да се доисплатат средствата кои според правосилниот договор Агенцијата ѝ ги должи на ‘Банана филм’ за завршениот филм ‘Кајмак’ кој од минатата година со успех го обиколува светот, како и незаконското одбивање на Агенцијата да потпише договор за проектот на ‘Банана филм, ‘Биста’, кој беше поддржан како филм од национален интерес на конкурсот на истата таа Агенција од мината година.

Лагата на Агенцијата и кривичната пријава имаат за цел и да се одвлече вниманието на јавноста од катастрофалните извештаи за работата на Агенцијата: (1) на Државниот завод за ревизија, во кој е изразено неповолно мислење за работата на Агенцијата за филм, со бројни наоди за незаконска работа („Со извршената ревизија изразивме неповолно мислење во однос на вистинската објективност на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики за 2021 година“), (2) на Транспаренси интернешнал Македонија (со наоди за судир на интереси и концентрација на моќ) () , (3) на Министерството за култура кое има негативно мислење по годишните извештаи за работа на Агенцијата , (4) на инспекцијата при Министерството за култура кое констатирало судир на интереси во Агенцијата, но и од фактот дека (5) Државната комисија за спречување на корупцијата активно ја истражува работата на Агенцијата и на Друштворо на филмски работници на Македонија и дека (6) лани заклучи судир на интереси.

Сериозни поплаки од повеќе филмаџии против Агенцијата и ДФРМ има и до вицепремиерката за антикорупција Славица Грковска, и тоа може да се провери во нејзиниот кабинет.

И самиот Манчевски, изминативе неколку години со пријави до надлежните институции укажал на корупција во Агенцијата за филм.

Правниот тим на ‘Банана филм’ подготвува тужби и кривични пријави против луѓе во Агенцијата за филм и други за кршење на законот по повеќе основи, како и за попречување на нашата професионална работа, за клевета и за замолчување укажувачи на корупција.

Како продуцентска куќа која стои зад филмски проекти кои се културно наследство на Македонија, и покрај сè, ние веруваме во институциите и во нивната чесна работа за одбрана на јавниот интерес.

Ја повикуваме Владата, откако ќе ги разгледа негативните извештаи за работата на Агенцијата за филм да ги разреши директорот и Управниот одбор поради бројните негативни оценки од релевантните институции, а oбвинителството го повикуваме да отвори истрага против нив“, се вели во реакцијата на „Банана филм“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ