четврток, 23 мај 2024

„Балканот останува без население“

Германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг пишува за тешкотиите кои во балканските земји ги предизвикуваат од една страна иселувањето и падот на наталитетот, а од друга доселувањето од Азија во земјите кои на тоа не се спремни.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Авторот на текстот Михаел Мартнес спомнува анегдота од една конференција на која се расправало за опасноста од избивање војна на југоистокот на Европа, при што еден од учесниците кажал дека опасност на постои бидејќи во тие земји недостигаат војници.

Авторот на текстот не мисли дека опасност од војна не постои, тврдејќи дека е добро вооружените специјални единици можат да предизвикаат многу зло, но дека тие земји сепак мака мачат со недостигот од војници. Како пример ја наведува Србија.

„Србија, на пример, веќе неколку години силно се вооружува, со ракети, дронови и противвоздушни системи од Кина и Русија, кои наскоро треба да бидат надополнети со француски борбени авиони „рафал“, но тоа е едниот дел од сликата. Другиот е дека Србија, како и на други земји од регионот, ѝ недостигаат војници кои знаат да управуваат со таа скапа техника. Така српската војска има, навистина, повеќе од 300 тенка, но има обучени екипажи за најмногу една третина од нив“, тврди Фракфуртер алгемајне цајтунг.

Како причина го наведува тоа што офицерите радо преминуваат во стопанството и што има малку регрути, бидејќи воениот повик не е веќе толку привлечен и бидејќи се раѓаат сè помалку деца. Покрај тоа се наведува дека иселувањето дополнително го заострува проблемот, бидејќи „државите од регионот не се доволно привлечни да го задржат своето младо население или да привлечат мигранти“.

Авторот ја споредува состојбата во Србија со таа во Романија или Бугарија, наведувајќи дека во тие земји некогаш се успева да се успори иселувањето од големите градови па дури и да се сврти трендот, но напоменува дека тие земји се членки на Европската Унија.

„Во шесте земји од Западен Балкан, кои не се членки на Европската Унија и немаат рамноправен пристап до нејзиниот пазар, состојбата не изгледа така добро“, пишува германскиот весник, наведувајќи дека за многу млади луѓе во тие земји иселувањето и понатаму изгледа како најдобра можност.

Намалувањето на бројот на жители влијае и на однесувањето на западните инвеститори, напоменува весникот, објаснувајќи дека за големите проекти во работно интензивните бранши нема доволно работна сила. „Еден западен концерн, кој во една балканска фабрика сака да изгради голема фабрика, договорил затоа уште пред почетокот на работите две третини од вработените да бидат увезени од Филипини“.

Се истакнува дека политичарите во овој регион доцна ја сфатиле сериозноста на демографската состојба и дека се натпреваруваат околу доведувањето странски работници. „Белградскиот градски сообраќај во меѓувреме вработува возачи на автобуси од Индија или Шри Ланка, бидејќи нема локални заинтересирани. Најсиромашната држава во Европа, Косово, за големите проекти довела со авиони работници од Бангладеш“.

Таа нова реалност општествата во балканскиот регион ќе ги стават пред големи предизвици, предупредува германскиот весник, бидејќи доселениците од Азија и Африка ќе раѓаат деца, ќе купуваат недвижности, ќе ги негуваат своите традиции и религии и ќе го сменат изгледот на градовите на југоистокот на Европа, нешто на што во овој регион луѓето не се навикнати.

„Конфликтниот потенцијал е очигледен. Балканот е, навистина, мултиетнички со векови. Но да се признае дека тој регион е доселеничка област и дека тоа мора да постои, за економски да се одржи, властодршците тоа тешко го прифаќаат“, заклучува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ