петок, 26 јули 2024

Балкан инсајт: Србија во март му продала на Израел оружје во вредност од 14 милиони евра

Главниот српски државен трговец со оружје Југоимпорт-СДПР во март извезол оружје во Израел во вредност од 14 милиони евра, покажуваат царинските податоци на Чекпоинт, портал што собира податоци за трговијата на српската држава во однос на деловните субјекти, пишува Балкан инсајт.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Балкан инсајт претходно откри дека Србија испратила најмалку две големи пратки со оружје или муниција во Израел по нападот на Хамас во октомври 2023 година, и покрај „превезот на тајноста“ што ги покрива зделките.

Претходно, Југоимпорт-СДПР во Израел извезол стока во вредност од 540.120 евра во октомври 2023 година и 510.000 евра во февруари 2024 година.

Податоците не покажуваат дали српската држава во овој период издала нови извозни дозволи за извоз во Израел.

Балкан инсајт побарал подетални информации за извозот во Израел, но Министерството за трговија на Србија во март го одбило барањето поднесено врз основа на Законот за слобода на информирањето, за извоз на оружје во Израел од октомври 2023 до 26 февруари 2024 година, нарекувајќи ги податоците „строго доверливи“.

Србија немаше поголем извоз на оружје во Израел пред октомври 2023 година.

Неодамна, државната фабрика за муниција „Први партизан“ од Ужице, во западна Србија, во март и април 2023 година извезла во Израел стока во вредност од околу 780.000 евра.

На 5 април, Советот за човекови права на ОН го поддржа повикот „да се запре продажбата, преносот и пренасочувањето на оружје, муниција и друга воена опрема на Израел… за да се спречат понатамошни прекршувања на меѓународното хуманитарно право и кршење и злоупотреба на човековите права“.

На 23 февруари експертите на ОН предупредија дека секое пренесување на оружје или муниција во Израел за употреба во Газа најверојатно ќе претставува кршење на меѓународното хуманитарно право и дека мора веднаш да престане.

Србија и Израел се блиски сојузници. Српскиот претседател Александар Вучиќ и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 26 февруари телефонски разговарале за натамошниот процес на приближување.

„Добар разговор со израелскиот премиер Нетанјаху за понатамошно подобрување на билатералните односи“, напиша Вучиќ на Инстаграм. Тој рече дека за време на разговорот биле разгледани сите важни прашања. Нетанјаху, од своја страна, го пофали српскиот лидер како „вистински пријател на Израел“.

Борците на Хамас извршија ненадеен напад врз Израел на 7 октомври, убивајќи над илјада луѓе, а Израел потоа покрена целосен напад врз Газа, при што загинаа 31.045 цивили, повеќето деца и жени, според Министерството за здравство на Хамас.

На 26 јануари Меѓународниот суд на правдата се согласи да го разгледа случајот на Јужна Африка дека Израел извршил геноцид во Газа. Израел досега го отфрлаше прекинот на огнот, негирајќи ги обвинувањата за геноцид.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ