Трудот проучува четири познати дела коишто вклучуваат податоци за придобивките од сонот и лоши последици од нарушувањата на спиењето. Така, на пр., „Снежана и седумте џуџиња“ посочува и поучува дека последица на лошиот сон е и ‘рчењето коешто е својствено кај „џуџињата“, т.е. ниските луѓе во приказнава. И имињата на овие протагонисти укажуваат на видовите раздразливост од лошиот сон – Спанко, Намќорко, а се алудира и на намалениот имунитет поради замор – Кивавко, како и на послабите социјални вештини – Срамежливко.
Проблемите со вниманието и течноста на говорот се, исто така, последици од недостатокот на сон и може да ги објаснат тешкотиите во говорот на „џуџето“ – предводник Док.
Патем, може да му се укаже на детето и дека „џуџе“ е застарен поим за лицата со низок раст којшто денес можеби е навредлив за некои од овие луѓе.
Во „Принцезата и зрното грашок“, непроспиената ноќ на принцезата, може да се толкува со нарушувања на аутистичниот спектар. Сензорната чувствителност е честа кај овие лица, како и тешкотиите со спиењето, а несоницата е најчестиот проблем.
Во истовреме, „Златокоса и трите мечиња“ покажува дека клучен дел за постигнување здрав сон е вистинската атмосфера – удобен кревет и просторија којашто ниту е премногу топла, ни преладна, туку „таман“. Кога собата е темна и тивка, условите се идеални…
Конечно, во „Петар Пан“, читателите се запознаваат со својствата и одликите на парасомнија, што е вообичаена во детството. Тука паѓаат месечарење, говорење во сон, често и нагло будење и кошмари. И Петар Пан не е исклучок, па често има кошмари… Ова, според написот, е прилика да ѝ се укаже на младата личност дека парасомнија се јавува во случаи на стрес, анксиозност и недоволен сон, што се совпаѓа со искуствата на насловниот лик во „Петар Пан“.