сабота, 21 декември 2024

Бајден започна кампања на Тикток, дел од Конгресот загрижен за националната безбедност

Претседателот на разузнавачкиот одбор на американскиот Сенат и висок член на демократите рече дека е загрижен поради одлуката на предизборниот тим на претседателот Џо Бајден да се приклучи на Тикток. Во неделата, кампањата на Бајден го искористи Супер боул за да отвори профил на Тикток, со надеж дека ќе допре до младите гласачи пред претседателските избори во ноември.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Започнувањето на кампања на Тикток некои членови на Конгресот го доживеаја како проблематично, имајќи предвид дека апликацијата, која е во сопственост на кинеската технолошка компанија Бајт денс, е во фаза на инспекција во САД за потенцијални закани за националната безбедност.

Некои американски законодавци побараа да се забрани апликацијата поради загриженоста дека кинеската влада би можела да добие пристап до кориснички податоци или да влијае на содржината што им се сервира на корисниците на апликацијата.

Вчера, демократскиот сенатор Марк Ворнер рече дека е загрижен поради импликациите за националната безбедност. „Мислам дека сè уште треба да најдеме начин да ја следиме Индија, која го забрани Тикток“, рече Ворнер. „Малку сум загрижен поради измешаната порака“.

Голем број републикански пратеници исто така ја критикуваа одлуката на кампањата да се приклучи на Тикток. Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби рече дека ништо не е променето во врска со „загриженоста за националната безбедност околу употребата на Тикток на владините уреди“. „Таа политика сè уште е на сила“, рече тој.

Минатата година, администрацијата на Бајден им нареди на владините агенции да го отстранат Тикток од телефоните и уредите во сопственост на федералната влада. Тикток тврди дека нема да ги споделува податоците на американските корисници со кинеската влада и презеде значителни мерки за заштита на приватноста на своите корисници. Компанијата не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за кампањата на Бајден.

Од Бајденовата кампања соопштија дека „ќе продолжи да допира до гласачите таму каде што се“, вклучително и други апликации за социјални медиуми, како што се Инстаграм на Мета и Трут соушл, основана од поранешниот претседател Доналд Трамп.

Кампањата презема „напредни безбедносни мерки“ за своите уреди и нејзиното присуство на Тикток е одвоено од тековниот безбедносен преглед на апликацијата, додаде претставник на кампањата. Комитетот за странски инвестиции во Соединетите Држави (ЦФИУС) предводен од Министерството за финансии на САД во март 2023 година побара од кинеските сопственици на Тикток да ги продадат своите акции или ќе се соочат со можноста за забрана на апликацијата, но администрацијата не презеде ништо.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер во понеделникот рече дека прегледот од страна на ЦФИУС е во тек и истакна дека Белата куќа претходно одобрила легислатива претставена од Ворнер и други за на администрацијата да ѝ се дадат нови алатки за справување со заканите кои ги претставуваат апликациите во странска сопственост.

Минатиот месец, Тикток пред Конгресот рече дека 170 милиони Американци сега ја користат нивната платформа за кратки видео записи, во споредба со 150 милиони една година порано.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ