сабота, 5 октомври 2024

Бајден за наводниот план на Израел: Да сум на нивно место, би размислил за тоа

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека доколку тој е на местото на Израел ќе размисли за алтернативите за гаѓање на иранските нафтени постројки, додавајќи дека според него Израел сè уште не одлучил како да му одговори на Иран.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Бајден одговараше на прашања на новинари на брифинг во Белата куќа.

„Израелците не одлучија што да прават во врска со нападот. За тоа сè уште се разговара“, изјави Бајден за новинарите.

„Да бев на нивно место, ќе размислев за алтернативи за гаѓање на нафтените постројки“, додаде тој.

Тензиите меѓу Иран и Израел се на високо ниво бидејќи Израел ги разгледува опциите како да одговори на нападот со балистички ракети на Техеран, кој Иран го изврши во вторникот како одговор на воената акција на Израел во Либан.

Бајден беше прашан и од новинарите дали мисли дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обидува да влијае на американските избори на 5 ноември со тоа што не сака да се вклучи во дипломатско решение на ситуацијата.

„Дали тој се обидува да влијае на изборите, не знам, не сметам на тоа“, одговори Бајден. „Ниту една администрација не му помогна на Израел повеќе од мојата“.

Американскиот претседател изјави и дека е уверен оти претстојните претседателски избори ќе бидат слободни и фер, но е загрижен за реакцијата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп доколку загуби.

„Уверен сум дека тие ќе бидат слободни и фер. Не знам дали ќе бидат мирни. Она што го кажа Трамп и она што го кажа минатиот пат, кога не му се допадна исходот од изборите, е многу опасно“, рече Бајден.

Бајден рече дека е значајно што изборот на Трамп за потпретседател, американскиот сенатор Џеј Ди Венс, не сакал да потврди за време на потпретседателската дебата дека ќе го прифати исходот од изборите на 5 ноември.

Трамп се кандидира против демократската потпретседателка Камала Харис во тесна трка за која ќе одлучуваат гласачите во само неколку држави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ