Указот би можел да биде објавен уште во петок и би поставил произволни ограничувања за американските компании за продажба на компјутерски системи во странство, препуштајќи го глобалниот пазар на конкуренцијата, сметаат во Советот на индустријата за информациски технологии (ИТИ), кој претставува компании како Амазон, Мајкрософт и Мета.
Во декември Ројтерс, повикувајќи се на неименувани извори, извести дека американското министерство за трговија сака на компаниите како Гугл и Мајкрософт да им обезбеди улога на „чувар“ на пристапот до чипови за АИ на глобално ниво.
За да ја обезбедат таа позиција, компаниите би требало да исполнат строги услови, вклучувајќи доставување клучни информации на американската влада и блокада на кинескиот пристап до чиповите за вештачка интелигенција, објави Ројтерс во декември.
Новите прописи покажуваат дека претставници на владата пред крајот на мандатот сакаат да ја поедностават постапката за добивање дозвола за извоз на чипови за АИ и истовремено да го блокираат пристапот на некои земји до тие производи, пишува Ројтерс.
Исклучоци се предвидени за 19 сојузнички земји, како Холандија, Јапонија и Тајван, на пример, кои би имале неограничен пристап до чиповите за вештачка интелигенција односно капацитетите кои ги нудат, кажале изворите.
Пристапот би останал оневозможен за групата земји со „нуклеарно ембарго“, како Русија, Кина, Иран и Венецуела, кои ни сега не можат да купуваат американски полупроводници за вештачка интелигенција.
Здружението го разбира аргументот на владиниот кабинет за националната безбедност, но „потенцијалните ризици за глобалното лидерство на САД во областа на вештачката интелигенција се реални и треба сериозно да се сфатат“, порачуваат тие.
„Новиот пропис ќе влезе во историјата како еден од најдеструктивните прописи за американскиот технолошки сектор“, смета извршниот потпретседател на Оракл Кен Глук.