сабота, 27 јули 2024

Бајден: САД ќе прекине да го снабдува Израел со оружје доколку ја нападне Рафа

Американскиот претседател Џо Бајден вчера за прв пат јавно го предупреди Израел дека САД ќе престанат да го снабдуваат со оружје доколку израелските сили извршат голема инвазија на Рафа, град полн со палестински бегалци во јужниот дел на Газа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Јасно кажав дека ако влезат во Рафа… нема да им испорачаме оружје“, изјави Бајден, чија администрација постојано бара од Израел план за заштита на цивилите во Рафа, во интервју за Си-ен-ен во средата.

Коментарите на Бајден ја претставуваат неговата досега најсилна јавна изјава во напорите да го одврати израелскиот напад врз Рафа, истовремено укажувајќи на растечкиот јаз меѓу САД и нивниот најсилен сојузник на Блискиот Исток.

Бајден призна дека Израел користел американско оружје за убивање цивили во Газа, каде Израел започна седуммесечна офанзива со цел да го уништи Хамас. Во израелската кампања досега се убиени 34.789 Палестинци, од кои повеќето цивили, објави Министерството за здравство во Газа.

„Цивилите се убиени во Газа како резултат на тие бомби и други начини на кои тие ги напаѓаат населените места“, рече тој на прашањето за бомбите од 900 килограми испратени во Израел.

Израел ја нападна Рафа оваа недела, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште, но Бајден рече дека не ги смета израелските напади за целосна инвазија бидејќи тие не погодиле „населени центри“.

Висок американски функционер, под услов да остане анонимен, рече дека Вашингтон внимателно ја прегледал пратката на оружје што може да се користи во Рафа и како резултат на тоа ја запрел пратката составена од 1.800 бомби од 907 килограми и 1.700 бомби од над 200 килограми.

Интервјуто е објавено неколку часа откако секретарот за одбрана Лојд Џеј Остин јавно призна дека одлуката на Бајден минатата недела да ја прекине испораката на илјадници тешки бомби е донесена поради загриженоста за Рафа, каде Вашингтон се противи на големата израелска инвазија без заштита на цивилите.

Израелската кампања во Газа беше започната со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври. Според израелските податоци, тогаш биле убиени околу 1.200 луѓе, а околу 250 биле киднапирани, од кои 133 се верува дека сè уште се во заробеништво во Газа.

Бајден рече дека САД ќе продолжат да го снабдуваат Израел со одбранбено оружје, вклучувајќи го и нивниот систем за воздушна одбрана „Железна купола“.

„Ќе продолжиме да ја обезбедуваме безбедноста на Израел во смисла на Железна купола и нивната способност да одговорат на нападите што неодамна дојдоа од Блискиот Исток“, рече тој. „Но, тоа е, тоа е едноставно погрешно. Нема да испорачаме оружје и артилериски гранати“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ