сабота, 27 јули 2024

Бајден повика на солидарност со Украина на комеморацијата на годишнината од Денот Д во Нормандија

Претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден ја одбележа денес 80-годишнината од истоварувањето на сојузниците во Нормандија, Денот Д, истакнувајќи дека нема да се откаже од одбраната на Украина и да ѝ дозволи на Русија да ѝ се закани на Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Да им се предадеме на насилниците, да им се поклониме на диктаторите е едноставно незамисливо“, кажа Бајден на церемонијата на американските гробишта во Нормандија. „Кога би го направиле тоа, тоа би значело заборавање на она што се случило на овие свети плажи“.

Истоварувањето во Нормандија е најголемата поморска инвазија во историјата на војувањето и за тоа Бајден кажа дека е силна илустрација дека вистинските сојузи зајакнуваат.

„Денот Д е силна илустрација за тоа како сојузите, вистинските сојузни нè прават посилни. Се молам ние Американците никогаш да не ја заборавиме таа лекција“, кажа Бајден.

Изјавата на Бајден е потсетување на преземените американски обврски кои се доведени во прашање оваа година на претседателските избори во ноември. Поранешниот претседател Доналд Трамп и најверојатен противник на Бајден кажа дека нема да ги брани европските сојузници кои не издвојуваат доволно средства за своите војски.

Во освртот на американските војници кои се истовариле на плажите на Нормандија на 6 јуни 1944 година Бајден ги повика сегашните Американци „да бидат достојни на нивната жртва“.

„Мораме да се сетиме на фактот дека тие биле херои тука и дека тој ден не нè ослободува од она што треба да го направиме денес. Демократијата никогаш не е гарантирана. Секоја генерација мора да ја чува, да ја брани и да се бори за неа. Тоа е тест на сите времиња“, кажа Бајден.

Пред Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон им кажа на американските ветерани дека дошле таму затоа што на слободниот свет му бил потребен секој од нив и дека тие „одговориле на повикот“.

Оваа годишнина од инвазијата е особено значајна затоа што е една од последните на која присуствуваат живи ветерани. Најмладите преживеани од тоа време се во доцните деведесетти. Бајден се сретнал со еден ветеран кој има 104 години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ