Во соопштението Бајден вели дека помилувал 39 лица „што докажале дека се успешно рехабилитирани“ и дека им ја ублажил казната на речиси 1.500 луѓе што отслужувале долги затворски казни.
Белата куќа соопшти дека ова е најголемиот број милосрдни дела во еден ден и дека лицата чии пресуди биле преиначени најмалку една година ја отслужувале казната во домашен притвор.
Бајден рече дека САД се „изградени на можности и на втори шанси“ и додаде дека како претседател му е „огромна привилегија“ да покаже милост кон луѓето што покажале каење и се рехабилитирани.
Во почетокот на декември Бајден го помилува својот син Хантер, кој чекаше пресуда по обвиненијата за нелегално поседување оружје и затајување данок.
Бајден рече дека ќе продолжи да ги разгледува барањата за помилување. Тој е под притисок од разни групи да помилува голем број луѓе, вклучително и оние што чекаат егзекуција во федералните затвори, пред да му истече мандатот на 20 јануари.