петок, 10 јануари 2025

Бајден помилува 37 од 40 затвореници осудени на смрт

Американскиот претседател Џо Бајден денеска им ги преиначи казните на 37 од 40 осуденици на смрт во доживотен затвор без можност за помилување, во последните чекори пред да му ја предаде власта на новоизбраниот претседател Доналд Трамп на 20 јануари.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Потегот на Бајден ќе го загрози планот на Трамп за забрзување на егзекуциите. За разлика од извршните наредби, наследникот на претседателот не може да ги поништи одлуките за помилување. Трамп повторно ги започна федералните егзекуции, по речиси 20-годишна пауза, за време на својот прв мандат од 2017 до 2021 година. Бајден, кој водеше предизборна кампања како противник на смртната казна, ги суспендираше федералните егзекуции кога ја презеде функцијата во јануари 2021 година.

Во последниве недели, тој се соочи со притисок од демократите, противниците на смртната казна и верските водачи како папата Франциско да ги ублажи смртните казни на федералните осуденици пред заминување.

„Нека нема забуна: ги осудувам овие убијци, тагувам за жртвите на нивните дела вредни за презир и тагувам за сите семејства кои претрпеа незамислива и непоправлива загуба“, рече Бајден. „Но, водејќи се од мојата совест и моето искуство, убеден сум повеќе од кога било дека мораме да ја прекинеме употребата на смртната казна на федерално ниво. Постапувајќи со добра волја, не можам да се повлечам и да ѝ дозволам на новата администрација да продолжи со егзекуциите кои ги запрев“, додаде Бајден.

На почетокот на овој месец, Бајден им ги ублажи казните на речиси 1.500 луѓе и помилува 39 други осудени за ненасилни злосторства. Тој, исто така, издаде целосно и безусловно помилување за својот син Хантер, откако повеќе пати изјави дека нема да го стори тоа. Хантер Бајден се изјасни за виновен за даночни прекршувања и беше осуден за обвиненија поврзани со огнено оружје.

Со одлуката не се опфатени случаите на тероризам или масовни убиства мотивирани од омраза. Не ги вклучува ни тројцата најпознати мажи кои чекаат смртна казна. Тоа се Џохар Царнаев, осуден за учество во бомбашкиот напад на маратонот во Бостон во 2013 година, Дилан Роф, осуден за пукањето во 2015 година во Африканската методистичка епископска црква Емануел во Чарлстон, Јужна Каролина и Роберт Бауерс, осуден за масовното пукање во синагогата Дрво на животот во Питсбург во 2018 година.

Сите тројца поднесоа жалби на нивните казни кои мора да се решат пред да се одреди датумот на погубување, во процеси кои би можеле да траат со години.

Одлуката на Бајден, исто така, не влијае на речиси 2.200 осуденици на смрт во државните судови, бидејќи тој нема овластување над таквите егзекуции. Претседателите обично носат одлуки за помилување при крајот на својот мандат.

Канцеларијата на јавниот обвинител за помилување, во рамки на Министерството за правда, примила речиси 12.000 барања за помилување за време на мандатот на Бајден, според списокот на адвокати за помилување. Претседателот до 9 декември донел 161 решение. Тие се однесуваат на 26 помилувања и 135 ублажени казни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ