Според Гласот на Америка, одлуката на судот на конзервативното мнозинство прави речиси сигурно дека Трамп нема да се соочи со судење во Вашингтон пред изборите во ноември за неговите постапки за време на немирите на 6 јануари 2021 година.
„Никој не е над законот, дури ни претседателот на Соединетите Држави“, изјави Бајден во Белата куќа.
Бајден не ја спомна минатонеделната дебата или неговиот настап и не одговараше на прашања.
„Знам дека ќе ги почитувам ограничувањата на претседателската моќ, како што ги почитувам веќе три и пол години, но секој претседател, вклучително и Доналд Трамп, сега ќе може слободно да го игнорира законот“, рече Бајден.
Врховниот суд на САД донесе историска одлука за случајот на Трамп, кој побара од тој суд да одлучи дали како поранешен претседател е имун од кривично гонење.
Со шест гласа „за“ и три „против“, највисокиот суд во Америка одлучи дека поранешните претседатели имаат апсолутен имунитет од кривично гонење за злосторствата извршени додека биле на функција, додека немаат имунитет за злосторства извршени надвор од функцијата.
Но, Врховниот суд не одлучи сам како тоа треба да се примени во случајот на Трамп. Судијата Џон Робертс рече дека тоа треба да го одлучат пониските судови.