петок, 25 октомври 2024

Бајден: Нетанјаху греши, Израел ја губи поддршката од целиот свет

Американскиот претседател Џо Бајден оцени дека пристапот на Бенјамин Нетанјаху кон војната во Газа „повеќе му штети отколку што му помага на Израел“, во интервју емитувано вчера, додека нетрпението на американскиот лидер во однос на израелскиот премиер станува сè повидливо.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Нетанјаху „има право да го брани Израел, право да продолжи да го прогонува Хамас“, изјави Бајден, но додаде дека „мора да посвети поголемо внимание на невините животи кои се изгубени како резултат на преземените дејствија“.

„Според мое мислење, тој му прави повеќе штета отколку корист на Израел… тоа е спротивно од она за што се залага Израел. И мислам дека тоа е голема грешка“, рече тој во интервју за телевизијата Ем-ес-ен-би-си.

Претседателот додаде дека Израел ја губи поддршката во целиот свет.

Бајден и неговите соработници го повикуваат Нетанјаху да не се впушта во голема офанзива во Рафа додека Израел не развие план за масовна евакуација на цивилите од последниот појас на Газа што сè уште не го нападнале копнените сили.

„Постојат и други начини да се справиме, да дојдеме до, да се справиме со … траумата предизвикана од Хамас“, рече Бајден.

Со растечката хуманитарна криза во Газа и притисокот од левото крило во Демократската партија на Бајден, американскиот претседател си противречи на она што тој го смета за „црвена линија“ во израелската офанзива во Газа.

Осврнувајќи се на потенцијалната израелска инвазија на градот Рафа во Газа, каде што 1,3 милиони Палестинци се засолниле од војната, Бајден рече дека тоа е „црвена линија“ за него, но додаде дека ќе продолжи да испорачува оружје како што се пресретнувачите на ракети на Железната купола кои ги штитат израелските цивили во регионот.

Американскиот претседател се надева дека ќе биде воспоставен привремен прекин на огнот пред почетокот на муслиманскиот пост Рамазан следната недела, иако изгледа сè поневеројатно дека тоа ќе се случи.

„Сакам да видам прекин на огнот, почнувајќи со голема, голема размена на затвореници, во период од шест недели. Влегуваме во Рамазанскиот пост, ништо не треба да се случи и треба да продолжиме да го надоградуваме прекинот на огнот“, изјави Бајден во интервјуто.

Бајден избегна да одговори на прашањето за можноста за уште едно патување во Израел, кој го посети во октомври веднаш по смртоносниот напад на Хамас, кога им се обрати на пратениците.

Запрашан дали тоа е нешто што ќе го направи повторно, Бајден рече дека ќе го направи, но одби да каже дали бил поканет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ