сабота, 9 ноември 2024

Бајден на компании кои работат за американската војска ќе им дозволи заминување во Украина

Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави најави укинување на забраната за испраќање експерти од американски воени компании во Украина за да помогнат во одржувањето и поправките на американската воена опрема, како авионите Ф-16 и противвоздушните системи „патриот“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Оваа промена на политиката на владата на Џо Бајден пред заминувањето му овозможува на Пентагон да склучува договори со американски компании кои за првпат од почетокот на конфликтот во 2022 ќе работат во Украина. Целта е да се забрзаат поправките за опремата што побрзо да се врати на фронтот.

Според соопштението, американскиот персонал ќе биде сместен далеку од првата борбена линија и нема да учествуваат во борбени операции, туку ќе пружаат техничка помош на украинската војска. Оваа одлука е донесена поради барањето за специјализирана техничка поддршка за одржување на напредните системи кои ги добија Украинците.

До сега американското оружје оштетено во борбите беше транспортирано во земји од НАТО, како Полска и Романија, што е процес кој одзема време. Новата политика ќе овозможи побрзи поправки во Украина и ќе ја намали потребата за транспорт.

Се очекува Пентагон набрзо да ги објави договорите, а компаниите кои се пријавуваат мора да поднесат планови за намалување на ризикот за да ги заштитат своите вработени. Се истакнува дека оваа промена нема да значи присуство на голем број американски изведувачи, како во Ирак и Авганистан, туку помал број специјализирани експерти.

Вашингтон ова не го смета за директно вклучување во конфликтот, туку исклучиво како логистичка поддршка. „Треба да се напомене дека веќе има повеќе американски компании кои имаат персонал во Украина кои исполнуваат договори за украинската влада, така што ова нема да доведе до значително зголемување на вработените на американски компании кои работат на терен во Украина“, кажал одбранбен функционер.

Сепак, овој потег носи и одредени ризици. Присуството на американски воен персонал на теренот може дополнително да ги ескалира тензиите со Русија, која овој потег може да го протолкува како директно мешање во конфликтот.

Останува да се види како ќе реагира Доналд Трамп кога на 20 јануари ќе ја преземе функцијата претседател и дали ќе продолжи со политиката на поддржување на Киев на Бајден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ