„Засега сè е во ред, но кој знае како ќе се чувствувам со 86 години“, коментира тој. Бајден, исто така, откри дека сè уште ја разгледува можноста за превентивно помилување за противниците на Трамп, вклучително и поранешната републиканска конгресменка Лиз Чејни и поранешниот врвен здравствен функционер доктор Ентони Фаучи.
Во интервјуто објавено вчера, Бајден рече дека бил многу директен со Трамп за можни помилувања за време на нивната средба во Овалната соба веднаш по изборите во ноември.
„Се обидов да му дадам јасно до знаење дека нема потреба од тоа и дека би било контрапродуктивно да се врати назад и да се обиде да се пресметува“, рече Бајден, додавајќи дека Трамп не се спротивставил, туку главно само слушал. Бајден истакна дека неговата конечна одлука ќе зависи од тоа кого Трамп ќе избере за својот кабинет.
Бајден, исто така, рече дека Трамп бил полн со пофалби за неговата економска политика. „Тој мисли дека оставам добри резултати зад себе“, рече демократскиот претседател.
Интервјуто за Ју-ес-еј тудеј е единственото интервју за печатено издание кое Бајден го даде пред да ја напушти функцијата. Белата куќа строго го контролира медиумскиот пристап до Бајден, а претседателот нема одржано ниту една прес-конференција откако се повлече од трката на 21 јули.
Во интервјуто, претседателот во заминување го бранеше и целосното и безусловно помилување за својот син Хантер Бајден, кој се соочуваше со пресуда во два кривични случаи, за затајување данок и нелегална набавка на оружје, и покрај претходните тврдења дека нема да го стори тоа.
Бајден, кој првпат влезе во американскиот Сенат во 1972 година, се соочи со критики во сопствената партија за неговата неподготвеност да се повлече од претседателската трка и покрај загриженоста за неговата возраст и менталната подготвеност. Сепак, тој изјави дека верува дека ќе победел, но призна дека годините можеби ќе го ограничувале за време на мандатот.
„Кога Трамп повторно се кандидираше, навистина верував дека имам најголеми шанси да го победам. Но, исто така, не планирав да бидам претседател на 85 или 86 години“, рече Бајден.
По поразот на потпретседателката Камала Харис од Трамп, високи членови на Демократската партија, како што е поранешната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, изјавија дека демократите можеби ќе имаа подобри резултати на изборите доколку Бајден се повлечеше од трката порано.