сабота, 27 јули 2024

Бајден: Хамас и Путин имаат заеднички мотив- сакаат целосно да ја уништат демократијата во соседството

Американскиот претседател Џозеф Бајден, во телевизиско обраќање до нацијата, ги осуди палестинската екстремистичка организација Хамас и рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека зад нападот врз Израел и инвазијата на Украина стои заеднички мотив.

Објавено на

часот

Сподели

„Хамас и Путин претставуваат различни закани, но имаат нешто заедничко – сакаат целосно да ја уништат демократијата во соседството“, рече американскиот претседател во обраќањето од овалната соба во Белата куќа, само второ такво откако е на чело на државата.

Тој ѝ порача на американската јавност дека „се наоѓаме на пресвртница во историјата“ поради конфликтот во Израел и вети дека ќе направи сѐ за да ги врати американските заложници кои ги држи Хамас.

„Како што им кажав на семејствата на Американците кои ги држи Хамас, ги бараме сите начини да ги вратиме нивните најблиски дома“, рече тој. „Како претседател, за мене нема поголем приоритет од безбедноста на Американците кои се држени како заложници“.

Бајден рече дека му се „крши срцето поради трагичната загуба на палестинските животи“ во експлозијата во болницата во Газа, повторувајќи ја проценката на Америка дека Израел „не е одговорен“ за инцидентот.

„Тагуваме за секој изгубен невин живот. Не можеме да ги игнорираме невините Палестинци кои само сакаат да живеат во мир и да имаат можност“.

Тој посочи дека во петок ќе испрати итно буџетско барање до Конгресот за „финансирање на американските национални безбедносни интереси за поддршка на најважните партнери, вклучувајќи ги Израел и Украина“.

„Не можеме да дозволиме ситна, злобна, пристрасна политика да застане на патот на нашата одговорност како голема нација. Не можеме и нема да дозволиме да победат терористите како Хамас и тираните како Путин. Одбивам да дозволам тоа да се случи“, рече Бајден.

Бајден изјави и дека светот не може да се откаже од решението со две држави за израелско-палестинскиот конфликт.

„Колку и да е тешко, не можеме да се откажеме од мирот. Не можеме да се откажеме од решението со две држави. Израелците и Палестинците подеднакво заслужуваат да живеат во безбедност, достоинство и мир“.

Агенцијата Бета објави дека Бајден алудирал на убиството на шестгодишниот Американец, со палестинско потекло, во Илиноис, со цел најостро да го осуди антисемитизмот и исламофобијата.

Според властите, момчето било избодено 26 пати од станодавецот, на што му претходела расправија за војната меѓу Израел и Хамас. Мајката на момчето се здобила со тешки повреди.

Бајден оцени дека е тешко да се стои настрана и да се молчи кога се случува вакво нешто и дека антисемитизмот и исламофобијата мора недвосмислено да се осудат.

Америка најави 100 милиони долари помош за Газа и Западниот Брег, а се очекува администрацијата на Бајден да предложи уште 100 милијарди долари дополнителна помош за Израел, Украина, Тајван и за осигурување на безбедноста на границата на Соединетите Американски Држави и Мексико.

Администрацијата размислува за уште 60 милијарди долари за Украина и 10 милијарди долари за Израел, според извори запознаени со ова прашање. Тој пакет треба да вклучува десетици милијарди долари за приоритетни работи, од Азија до безбедноста на границите на САД.

Неговата порака за солидарност со народот на Украина и Израел треба да ја поттикне јавноста да изврши притисок врз пратениците да одобрат помош од милијарди долари за помош на две странски земји во конфликти на кои не им се гледа крајот.

Претставничкиот дом на Конгресот моментално е во блокада додека не се избере претседател. Како резултат на тоа, тој не може да одлучува за законите, па дури ни за предлозите на Бајден за финансиска помош.

Околу 10 отсто од испитаниците во анкета на Ројтерс и Ипсос минатата недела рекле дека Америка треба да ги поддржи позициите на Израел, кога имале повеќе опции. Во посебна анкета на Ројтерс и Ипсос претходно овој месец, речиси ист процент од испитаниците се согласиле дека Вашингтон треба да обезбеди оружје за Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ