сабота, 27 јули 2024

Бајден гради ѕид кон Мексико, Трамп чека извинување

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе изгради дел од ѕидот во јужен Тексас на границата со Мексико за да се обиде да ги сопре нелегалните миграции кои се во пораст. Околу 32 километри од ѕидот ќе бидат изградени во округот Стар долж границата, каде има извештаи од локалните власти за голем број нелегални преминувања.

Објавено на

часот

Сподели

Изградбата на граничниот ѕид беше препознатлива политика на претходниот американски претседател Доналд Трамп на која демократите жестоко се противеа. Бајден во 2020 година во предизборната кампања вети дека, ако биде избран, ќе ја сопре изградбата на ѕидот.

Неговата администрација набрзо по преземањето на власта објави дека изградбата на ѕид преку јужната граница „не е сериозно политичко решение“. Сепак, сега соопшти дека „не може да ја сопре“ изградбата на граничниот ѕид бидејќи средствата за тоа веќе се издвоени. На прашањето дали веруваат дека сега ѕидот може да функционери, Бајден одговори едноставно: „Не“.

Во изјава за Асошиејтед прес, американската царина и заштитата на границите на сличен начин го бранеше најновиот потег, кажувајќи дека веќе се користат средствата доделени за граничната бариера. „Конгресот ги додели средствата за фискалната 2019 година за изградба на граничната бариера во долината на Рио Гранде, а Канцеларијата за национална безбедност е должна да ги користи тие средства за нивната намена“, се наведува во соопштението.

Зборувајќи на конференција за новинарите, мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор ја критикуваше оваа вест, кажувајќи дека ѕидот е спротивен на она што Бајден претходно го заговараше. „Разбирам дека постои силен притисок од екстремно политичките групи во САД“, кажа тој.

Сè поголемиот број нелегални преминувања на границата го направи прашањето на ѕидот незгодно за Бајден. Над 245.000 преминувања оваа година имало само во областа на долината на Рио Гранде, покажуваат владините податоци, а се очекува септември да биде рекорден месец.

Секретарот за домашна безбедност на претседателот Бајден спомна „акутна и итна потреба“ да се изгради нов дел од ѕидот и да се спречат незаконските влегувања. Десетици сојузни закони се отфрлени за да се одобри неговата изградба, вклучувајќи ги законите за чист воздух и за безбедна вода за пиење. Тој потег ги разгневи еколозите кои велат дека градбата ќе ги пресече живеалиштата на загрозените билки и животни.

„Обесхарбрувачко е да се види дека Бајден се спушта на ова ниво, отфрлајќи ги основните еколошки закони на нашата земја за да изгради неефикасен граничен ѕид за убивање диви животни“, кажа Лајкен Џордал, заговорник за зачувување на животната средина во Центарот за биолошка разновидност.

Ова е првпат Администрацијата на Бајден да ги употреби своите овластувања за да одобри изградба на нови ѕидови, што често се правеше за време на мандатот на Трамп кога беа изградени над 70 километри нов ѕид и надоградени над 600 километри од постоечките бариери.

Во пост на интернет Трамп праша дали Бајден ќе му се извини нему „и на Америка за тоа што му требаше толку време да почне“. „Многу е интересно да се гледа искривениот Џо Бајден како го крши секој закон за заштита на средината за да докаже дека бев во право“, кажа тој. „Ќе го чекам неговото извинување“.

Бајден се соочува со сè поголеми критики поради својата доселеничка политика по неодамнешниот пораст на мигрантите кои влегуваат во САД. Американската гранична патрола уапсила 181.058 луѓе долж јужната граница во август во споредба со 132.648 во јули, според најновите податоци. Мексиканскиот претседател Лопез Обрадор кажа дека само минатата недела по 10.000 луѓе доаѓале на границата секој ден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ