недела, 5 јануари 2025

Бајден ги одликува истражителите на упадот во Капитол, Трамп бара нивно апсење

Претседателот на Соединетите Американски Држави во заминување Џо Бајден им го доделува второто највисоко цивилно одликување на земјата на законодавците Лиз Чејни и Бени Томпсон, кои ја предводеа истрагата на Конгресот за насилниот упад во американски Капитол на 6 јануари 2021 предводен од поддржувачи на Доналд Трамп.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп кажа дека тие луѓе, кои ја водеа истрагата на Конгресот, треба да бидат уапсени.

Според одлуката на американскиот претседател, 20 луѓе ќе го добијат Претседателскиот граѓански медал денес во Белата куќа, а на списокот се и Американци кои се бореле за еднаквост на браковите, Мери Бонауто и Еван Волфсон, пионерот во лекувањето ранети војници Френк Батлер и двајца долгогодишни пријатели на Бајден демократските сенатори Тед Кауфман од Делавер и Крис Дод од Конектикат.

„Претседателот Бајден верува дека тие Американци се поврзани со своето заедничко почитување и посветеноста на служењето на другите. Земјата е подобра поради нивната посветеност и жртвувањето“, соопшти Белата куќа.

Меѓу најавените добитници на медалот е и поранешната републиканска лидерка на Конгресот Лиз Чејни, ќерка на поранешниот потпретседател Дик Чејни и жестока критичарка на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој веќе предупреди дека би можела да има „големи проблеми“ со правосудството кога тој ќе ја преземе должноста на 20 јануари.

Кога станува збор за Лиз Чејни, Белата куќа истакна дека таа „го даде својот глас над партиските поделби за да ги брани идеалите на нацијата – слободата, достоинството и чесноста“.

„Нејзиниот интегритет и нејзината храброст потсетуваат дека е можно да се дејствува работејќи заедно“, пишува во соопштението на Белата куќа за наградата која ѝ се доделува на Лиз Чејни.

Таа во последните неколку години стана портпаролка на противниците на Трамп меѓу републиканците, но во 2022 година го изгуби местото во Конгресот, кое го освои човек кој го поддржува Трамп, пишува Франс прес.

Поранешната републиканска претставничка во Конгресот од сојузната држава Вајоминг и членката на парламентарната комисија која го истражуваше упадот во Капитол на 6 јануари, учествуваше во кампањата на претседателската кандидатка Камала Харис, која Трамп ја победи во ноември. На чело на комитетот на Претставничкиот дом кој го истражуваше упадот во Капитол беа Чејни и Томпсон, демократ од државата Мисисипи.

Трамп, кој ќе даде заклетва за новиот претседателски мандат на 20 јануари се закани дека судски ќе ги гони оние кои ги смета за свои непријатели без оглед дали станува збор за политичари или новинари.

Бајден размислувал дали да им понуди превентивни помилувања на Лиз Чејни и на другите кои Трамп најави дека судски ќе ги гони.

Трамп и понатаму одбива да се откаже од своите тврдења за претседателската трка во 2020 година и кажа дека ќе ги помилува оние кои упаднаа во Конгресот кога ќе ја преземе должноста.

Медалот постхумно ќе го добијат четири лица.

Претседателскиот граѓански медал, кој во 1969 година го воведе претседателот Ричард Никсон, е највисокото цивилно признание во земјата по Претседателскиот медал на слободата. Им се доделува на оние кои „извршувале исклучителни дела на служба за својата земја или сограѓаните“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ