сабота, 4 јануари 2025

Бајден: ФБИ истражува „можна врска“ меѓу нападот во Њу Орлеанс и експлозијата во Лас Вегас

Властите допрва треба да потврдат каква било поврзаност помеѓу терористичкиот напад во Њу Орлеанс и експлозијата на „тесла сајбертрак“ пред хотел во Лас Вегас.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа ѝ се обрати на нацијата, при што ги истакна напорите на федералните власти да го истражат терористичкиот напад во Њу Орлеанс во кој загинаа најмалку 15 лица и експлозијата на „тесла сајбертрак“ пред Трамп-хотелот во Лас Вегас.

Бајден ја истакна важноста да се утврди дали двата инциденти се поврзани, но ја предупреди јавноста да не се донесуваат заклучоци предвреме, истакнувајќи дека истрагите остануваат активни и се развиваат.

„Ја следиме експлозијата на сајбертрак пред Трамп-хотелот во Лас Вегас. Полицијата и разузнавачката заедница исто така го истражуваат ова, вклучително и дали постои можна поврзаност со нападот во Њу Орлеанс“, рече американскиот претседател во заминување.

„Досега нема што да се каже на таа тема“, додаде тој.

Во нападот во Њу Орлеанс, кој се случи на новогодишниот ден, Шамсуд-Дин Џабар, 42-годишен ветеран на американската армија, влетал со изнајмен пикап во толпата на улицата Бурбон, убивајќи 15 луѓе и ранувајќи десетици. Во возилото беа откриени знаме на ИСИС, оружје и сомнителна импровизирана експлозивна направа, што ги натера властите да го квалификуваат настанот како терористички акт.

Џабар беше убиен во престрелка со полицијата на местото на настанот. Инспекторите сега истражуваат дали тој дејствувал сам или имал соучесници.

Неколку часа подоцна во Лас Вегас, камионет „тесла сајбертрак“ експлодира пред хотелот на Трамп, убивајќи го возачот и ранувајќи седум случајни минувачи. Првичните истраги покажуваат дека во возилото имало експлозивна направа.

И камионетот во Лас Вегас и пикапот во Њу Орлеанс наводно биле изнајмени преку истата апликација, детаљ што дополнително ја засили федералната истрага за потенцијалните врски помеѓу двата инциденти.

Претходно истиот ден, Илон Маск силно ги негираше тврдењата дека возилото на Тесла е виновно за експлозијата во Лас Вегас, инсистирајќи дека „целата телеметрија на возилото била позитивна во моментот на експлозијата“. Тој рече дека експлозијата „се чини веројатно дека е терористички акт“ и тврди дека „можеби“ двата инциденти се „поврзани на некој начин“.

Бајден им нареди на највисоките функционери, вклучително и јавниот обвинител, директорот на ФБИ и министерот за домашна безбедност, да ги посветат сите расположливи ресурси на истрагите.

„Го упатив мојот тим да се погрижи секој ресурс да им биде достапен на федералните, државните и локалните органи за спроведување на законот за брзо завршување на истрагата и за да се осигури дека нема закана за американскиот народ“, рече Бајден.

Претседателот, исто така, изрази сочувство до жртвите и нивните семејства, велејќи: „Нашата нација тагува со вас“. Тој ја повтори посветеноста на својата администрација да ги открие целосните детали за овие трагедии и да се обезбеди дека правдата е задоволена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ