вторник, 22 октомври 2024

Бајден: „Американци, дали сте подготвени да гласате за слобода“

На отворањето на Демократската национална конвенција во Чикаго во понеделникот, американскиот претседател Џо Бајден ја поздрави американската потпретседателка и претседателски кандидат Камала Харис како иднина на партијата, повикувајќи ги Американците да гласаат за неа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Бришејќи ги солзите откако беше најавен од неговата ќерка Ешли и поздравувајќи ја толпата која му даде долги овации, насмеаниот Бајден рече: „Ве сакам“.

Бајден (81), под притисок од партиските лидери поради сввојата здравствена и психичка состојба, минатиот месец се откажа од борбата за нов мандат во Белата куќа, па Камала Харис (59) официјално ќе ја прифати претседателската номинација на конвенцијата во четврток.

„Дали сте подготвени да гласате за слобода? Дали сте подготвени да гласате за демократијата и за Америка? Ве прашувам, дали сте подготвени да ги изберете Камала Харис и Тим Волц?“ ѝ се обрати Бајден на толпата.

Освен што се залагаше Американците да ја изберат Харис за негов наследник во Белата куќа, Бајден во својот говор ги пофали достигнувањата на својата администрација, вклучително и во однос на зајакнувањето на американската економија и зајакнувањето на сојузите на САД во светот.

Тој го осуди расизмот и надмоќта на белата раса кои продолжуваат да ја измачуваат Америка, велејќи дека тоа нема место во американската нација.

Во ненадејното појавување на конвенцијата, Харис вети дека ќе го победи републиканскиот ривал Доналд Трамп на изборите во ноември.

„Ние се бориме за нашите идеали и секогаш имаме на ум дека кога се бориме, победуваме“, рече американската потпретседателка Харис во краткото обраќање, предизвикувајќи овации од толпата.

Имено, се очекуваше Харис да се појави на сцената подоцна, заедно со претседателот Бајден.

Но, Харис му оддаде почит на актуелниот американски претседател. „Џо, ти благодарам за твоето историско лидерство, за твојата животна служба на нашата нација. Ние сме засекогаш благодарни“, рече таа.

Меѓу другите, на собирот се обрати и поранешната претседателска кандидатка Хилари Клинтон, чиј пораз од Трамп во 2016 година ги урна надежите да стане првата жена во Белата куќа.

Клинтон, првата жена што обезбеди претседателска номинација на една голема американска партија, привлече бурни овации кога излезе на сцената во понеделникот. „Приказната за мојот живот и за историјата на нашата земја е дека напредокот е можен, но не и загарантиран“, рече Клинтон.

Таа го пофали сегашниот претседател Бајден за внесувањето „пристојност, достоинство и компетентност“ во Белата куќа. „И сега пишуваме ново поглавје во американската приказна. Камала има карактер, искуство и визија да нè води напред“, рече Клинтон.

Таа постојано се осврнуваше на републиканскиот претседателски кандидат, исто така нејзин поранешен ривал во претседателската трка. „Доналд Трамп заспа на сопственото судење, а кога се разбуди, напиша своја верзија на историјата. Тој е првиот човек што се кандидира за претседател со 34 кривични дела“, низ смеа изјави Клинтон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ