среда, 15 јануари 2025
Колегите од МАД се простија од неа и ќе ја паметат како голем професионалец

Багерот на пешачки во Скопје го згасна животот на Ленче Јованова, врвен научник – археолог

Објавено на

часот

Сподели

Со големо неверување ја примивме веста дека нашата колешка Ленче Јованова во текот на вчерашниот ден во немил настан на 66 годишна возраст го загуби својот живот. Ленче Јованова беше долгогодишен член на Македонското археолошко друштво и кустос советник во Музеј на град Скопје. Таа остави длабок и неизбришлив траг во македонската археологија истражувајќи ги културните хоризонти на античкиот град Скупи. Нејзиниот интерес беше насочен кон проучување на римската материјална култура. Автор е на бројни изложби, каталози, статии, студии, а особено се значајни монографиските изданија Скупи – Colonia Flavia Scupinorum; Скупинекрополи : стории за истакнати личности според епиграфски и археолошки сведоштва; Скупи: сектор југоисточен бедем и комплекс термабазилика со атриум. Ленче Јованова засекогаш ќе остане во нашите сеќавања како врвен и искусен професионалец кој со огромна посветеност го промовираше македонското културно наследство во земјава и светот“, пишува во објавата на фејсбук-страницата на МАД.

Во меѓувреме Судот ги прифати мерките за претпазливост предложени од Основното јавно обвинителство Скопје, за 42-годишникот кој е осомничен дека завчера на улицата Јордан Мијалков, управувал мобилна машина лиебхер без да се придржува кон прописите на јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.

„На обележан пешачки премин, со машината удрил во телото на една жена – пешак, која од ударот се здобила со тешки телесни повреди и починала“, се појаснува во соопштението на Обвинителството.

ОЈО Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против лицето, за кое постои основано сомнение дека сторило – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

„За да го обезбеди присуството на осомничениот и непреченото водење на постапката јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице или надлежен државен орган, привремено одземање на патната исправа и на возачката дозвола, како и привремена забрана да презема определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело“, информираше претходно Обвинителството. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ