четврток, 9 јануари 2025

Бадникарски поворки: Возобновувањето на традициите создава контроверзи, но ако нешто нè зближува може да се прифати

Празниците како Божиќ, се за сите! И за тие што се упатени во верата, и за оние што не знаат многу за црковниот канон на чествување. Рождеството Христово е еден од празниците во кои се спојуваат црковните канони и народните традиции да празникот Божиќ. Божиќните поворки се дел од народната традиција, која не може да се контролира, но учесниците во неа, пред сè тоа се деца, се прифатени кога ќе дојдат во црква од свештениците. Пред сè, Божиќ е празник за сите, вели отец Влатко од Повардарската епархија, на контрадикторните реакции од јавноста за организацијата на бадникарско-божиќните поворки и другите „придружни народни обичаи“, за кои остануваат недоумици колку се во согласност со каноните, но и со традицијата.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Дилемите за начинот на прославување на Божиќ (па и на другите верски празници) во македонската световна средина, некако не се разјаснија во текот на тридецениското возобновување во јавното практикување на тие традиции. За таквата состојба, секако придонесува и променетата социјална динамика и начин на животот, што секако влијае и на разбирањето и практикувањето на традициите. Но и различните ставови за одредени појави и практики во чествувањето на празниците на претставниците од МПЦ-ОА, ги подгреваат контроверзите во јавноста  .

Конкретно за божиќните поворки, оваа година во јавноста и на социјалните мрежи, забуни внесоа некогашните и сегашните ставови на митрополитот на Преспанско-пелагониската епархија, г. Петар. На социјалните мрежи се појавија снимки со два негови различни става за божиќните поворки.

„Она што сакам да го нагласам, тоа со децата, со поворките што се прави – тоа не е наше, тоа ни е увезено од Грција, или од гркофонските цркви. Кај нас во Битола се практикуваше децата да носат икона од Рождеството Христово и да го пеат тропарот на Рождеството Христово и Богородичиниот кондак. И тоа е правилно. Зашто другото има тродимензионална форма, што не е присутно во православната црква, а се практикува во римокатоличката црква“, вели г. Петар неодамна на едно телевизиско гостување.

Паралелно со оваа медиумска изјава на г. Петар поставено е и една видеоснимка од 2018 година, во која говори за традицијата во Битола на бадникарско-божиќни поворки со деца.

„Денес сме особено радосни, за вака бројното присуство ваше на Бадник, кога го најавувате како ангелите, раѓањето на Господа наш, Исуса Христа. И тоа особено нè радува, зашто Битола и прва почна со оваа песна што сега ја пеете. А и пред тоа, откако сум јас архиереј и владика во оваа епархија, дечињата одеа во пештерите пеејќи ја песната – тропарот на раѓањето Христово, а и кондакот на Пресвета Богородица. Така, сега тоа доаѓа до полн израз. Сега слави не само Битола, сега слави сета Македонија, зашто скоро сите деца, со мали исклучоци, во скоро сите градови, најверојатно и во селата, вака масовно го дочекуваат раѓањето на Господа наш, Исуса Христа, преку вас, нашите мили духовни чеда, децата. Нека ни е честит празникот и од година в година радосно да го дочекуваме и славиме, вие да ни ја најавувате радосната вест за неговото раѓање. Да ни укажувате на мирот кој вие го носите, зашто ние возрасните за жал не носиме многу мир, туку повеќе носиме кавги и расправии. Ама вие можете да не смирите сите скараните, разделените да не соедините“, им се обраќа г. Петар на присутните на бадниковата богослужба во 2018 година.

По различните пораки и ставови за обичаите кои се практикуваат на божиќните прослави, се наметнува прашањето дали постои некој официјален став на МПЦ-ОА, конкретно за божиќните поворки.

„Бидејќи ме прашувате каков е ставот на САС на МПЦ-ОА, за бадниковите поворки, укажуваме дека Синодот не расправал за оваа тема. Доколку се отвори темата на некоја од седниците, ќе ви го пренесеме изградениот став“, одговори на прашањето на Мкд.мк, портпаролот на МПЦ-ОА, епископот Климент.

Сепак, покрај официјалниот одговор за ставот на МПЦ-ОА за бадниковите поворки, епикоскопот Климент укажува дека сите обичаи и традиции при празнувањето на празниците на црквата, кои се создадени од народот, некогаш се губат, па повторно се активираат, се дел од слоевитото напластено културно и црковно наследство.

„Бадникарските поворки се дел од народната божиќна традиција, која се реактивира, но не се коси со канонот на црквата. Тие се организирани од граѓански здруженија, кои верувам ги почитуваат статутите на верските слободи и права. Црквата не ги органиира тие поворки, но нивните учесници се прифатени во храмовите“, вели отец Климент.

Во однос на реакциите на јавноста за содржините на бадникарските песни и обичаи, за кои некои сметаат дека се контроверзни, епископот Климент вели дека некои од нив се дел дел од народната традиција на микрорегионално ниво. На пример „Коледе-леде“ се пее во Скопско, а во Прилепско – „Сива, сива гулабице“. Во некои региони на Македонија, лепчето или питата со паричка се крши на Бадник, во други на Василица.

Една од контроверзите кои не се „расбистрија“ со текот на времето, е возобнозувањето на обичајот на бадникарските огнови. Епископот Климент објаснува дека симболиката на тие огнови е огнот на пастирите витлеемски, кои го најавуваат Христовото раѓање. Но критиките што се упатуваат на оваа вообновена традиција се однесуваат на прекинот на постот, што се случува на тие веселби покрај огновите.

„Во ситуација на обновување на традицијата, не се невообичаени контроверзни ставови во однос на восприемање на појавите. Имаме две крајности во јавното мислење, но ако нешто во возобновувањето на традицијата ги зголемува вредностите на духовниот систем, доколку нешто нè зближува, тогаш зошто да не биде прифатено“, смета епископот Климент.

Јасминка Павловска

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ