петок, 14 јуни 2024
Директорот на АХВ предупредува

Бабовски: Храната е безбедна, но да се внимава, има и производи со изминат рок

Јадеме безбедна и квалитетна храна. Сè што е во промет и инспекциски контролирано, е апсолутно сигурно, рече денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски. Тој ги потсетува граѓаните при купувањето да го погледнат датумот на рокот за употреба, зашто такви производи се случува да бидат во продажба.

Објавено на

часот

Сподели

На прес-конференција по повод 7 Јуни, Светскиот ден на безбедна храна, Бабовски информира дека во првите пет месеци од годинава се спроведени преку 22 илјади инспекциски контроли. На Агенцијата ѝ недостигаат уште најмалку 40 инспектори и институцијата од новата влада ќе побара нови вработувања за инспекциската служба.

Според директорот, инспекторите, засега околу 180, совесно ја вршат работата, а сите мерки во однос на безбедноста на храната што важат во ЕУ, се применуваат и кај нас.

Се случува некои од земјите во ЕУ да ни вратат извезена храна и во вакви случаи грешката е најчесто во примарното производство, на нива, каде што се употребуваат одредени пестициди.

„Граѓаните при купување на кој било производ добро да се информираат што стои на декларациите, посебно да внимаваат на начинот на чување и складирање, како и на рокот на употреба. Често поради одредени грешки на економските оператори може да се најде на рафтовите во маркетите производ со истечен рок. Нашите инспектори на ова посветуваат посебно внимание“, напомена Бабовски.

Од почетокот на годинава до АХВ се поднесени 79 иницијативи од граѓани за вршење инспекциски надзор, од кои 32 се однесувале на безбедноста на храната. Граѓаните се пожалиле на купување храна со поминат рок на употреба, храна подготвена и послужена во нехигиенски услови, несоодветно означена и неозначена храна, сомнежи за труење со храна, како и други претставки кои се однесуваат на квалитетот на прехранбените производи. Од вкупниот број поднесени иницијативи од областа на безбедноста на храната, како неосновани се отфрлени четири. По поднесените и основани претставки постапуваат инспекциските служби на АХВ.

Како што рече директорот Бабовски, повеќе од 600 милиони луѓе во светот се разболуваат од несоодветна, неквалитетна или небезбедна храна, повеќе од 420.000 лица умираат секоја година од небезбедна храна или еден од 10 се разболуваат од конатминирана храна. Храната е воедно причинител и на преку 200 болести кај луѓето.

„Со оглед дека наредната недела земјава ја очекува топол бран, до 39 степени, граѓаните на крајот од набавката да ги купуваат леснорасипливите производи и веднаш да ги складираат на температура не повисока од пет степени. Со тоа, заедно, одговорно се грижиме за своето здравје“, порача Бабовски.

Мотото на годинашниот Светски ден е „Безбедност на храната: подгответе се за неочекуваното“, а АХВ се придружи кон кампањата Safe2Eat за 2024 година на Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) која се реализира со партнерите од ЕУ земјите членки и земјите кандидати. Станува збор за ребрендирање на кампањата #EUChooseSafeFood (ЕУ избира безбедна храна), со обновена заложба за промовирање на свеста за безбедноста на храната кај европските граѓани.

Safe2Eat во која е вклучена и АХВ, има за цел да ги информира граѓаните за различните аспекти на безбедноста на храната, овозможувајќи им да направат избор на храна уверени во нејзината безбедност, но и да ја зголемат нивната лична доверба во системот за храна на ЕУ. Кампањата првенствено е насочена кон европските граѓани на возраст меѓу 18 и 55 години, но и кон пошироката јавност, односно од оние кои имаат високо ниво на свест и мала грижа за безбедноста на храната, до оние кои се многу загрижени и помалку информирани за неа.

Во својата четврта година од реализирањето, кампањата годинава се фокусира на три клучни области: практики за безбедна храна, храната и здравјето и што има во вашата храна. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ