среда, 19 март 2025

Азески: Сочувство од Стопанската комора за трагедијата во Кочани, поддршка за Владата во барањето одговорност

Бродот во Охрид, автобусот кај Ласкарци, авионите во Охрид и Скопје, модуларната болница во Тетово и последниот случај во Кочани со дискотеката „Пулс“, ја потврдија тезата дека не успеавме да изградиме држава која структурно ќе функционира во интерес на граѓаните, туку живееме во држава која 34 години од својата независност сè уште работи во корист на сопствената штета. Да не зборувам за приватниот бизнис-сектор, зашто моите ставови ви се познати. Овде е потребен само еден збор – одговорност, којашто Владата на премиерот Мицкоски мора да ја издигне на највисок пиедестал. Тоа значи санкции за сите, попуст за никого, вели во својата писмена реакција претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Објавено на

часот

Сподели

„СКСМ и членките – најреномираните македонски компании, изразуваат длабока жалост и сочувство кон сите настрадани и повредени лица и членовите на нивните семејства и јавно изјавува дека од денес ќе ги организира своите членки кои изразија желба организирано, преку Комората да помогнат на семејствата на настраданите и тоа ќе биде координирано преку Стручната служба на комората (Билјана Лепавцова 071 291-736).

Како прва интервентна помош, вработените во Стопанската комора на Македонија во текот на утрешниот ден ќе донираат 2 милиони денари на сметката на локалната самоуправа во Кочани. Другата синхронизирана поддршка од компаниите ќе биде итно доставена.

Иако е невообичаено во вакви прилики да се додаваат и други работи, би сакал да изразам сочувство и до сопствениците и менаџерите на компаниите од тој регион, чии вработени доживеаја загуба која е ненадоместлива. Знам дека нема зборови за утеха, но човечки е да се изрази сочувство и да се помогне во вакви моменти, бидејќи комората со своите членки е едно семејство.

До Комората пристигнаа и писма за сочувство од партнерските комори и изразија подготвеност да помогнат за сè што е потребно“, се вели во обраќањето на Азески.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ