петок, 26 јули 2024
Стратешки разговори

Азески: Бараме 10 години економија во програмата на Владата – Мицкоски: Сугестиите ги прифаќаме

Тоа што ние како бизнис заедница, а особено како Стопанска комора го очекуваме од идната Влада е ветување и работа во следните 10 години со акцент на економијата, рече претседателот на комората, Бранко Азески на средба со делегација од ВМРО-ДПМНЕ предводена од лидерот Христијан Мицкоски. „Очекуваме да оствариме висок резултат на парламентарните и на претседателски избори и да ја формираме следната Влада, а во програмата на Владата дел ќе бидат сугестиите кои што беа дадени од Стопанската комора“, рече Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски оцени дека соработката со Стопанската комора била исклучително квалитетна и нагласи дека идната влада ќе го слуша гласот на бизнисот, но и неговите поплаки.

Претедателот на Стопанската комора Бранко Азески рече дека бизнисот е тој фактор кој може да обезбеди подобра иднина на Македонија и особено подобра за младите.

„Се согласивме со Мицкоски дека не треба да се прават компромиси на сметка на економскиот развој. Ако не обезбедиме консензус за враќање на правната држава, за борба против корупцијата и за намалување на администрацијата нема да биде можен економски развој. Ние ќе ја охрабруваме идната влада да има таква бескомпромисна политика. Не сакаме да бидат само потврдувани разните желботеки кои се повторуваат на секои четири години, туку бизнис заедницата сака професионален однос и контакт бидејќи се работи за економија, за конкретни пари, затоа владата мора да биде внимателна во работата и да не глуми водење економија зашто тоа создава негативни парични ефекти. Од каде да се почне? Мора и од образованието, но тоа дава резултати дури по 10-15 години. Затоа во моментов е битно да се тргне од самата черга, колку пари има од тоа да се започне. За да не се задолжуваме и долгот да им се остави на младите“, рече Азески и нагласи дека тоа што го слушнал од Мицкоски и неговата делегација оди во таа насока.

Мицкоски во обраќањето рече дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде исклучително внимателна дури и конзервативна кога станува збор за давање на ветувања, особено во делот на економијата на која, нагласи, ќе биде ставен акцент.

„Претседателот на комората Бранко Азески спомена дека ние политичарите правиме список на желби, а најчесто потоа не ги реализираме. Но ние имаме внимателен пристап, имаме проекција како ќе се одвива буџетот во наредните четири години и со колкав фискален простор може да се располага. Како идна Влада со овој внимателен пристап, со одлучна борба против криминалот и корупцијата, со применливи и остварливи мерки во економијата, со голем фокус врз образованието и пазарот на труд, обезбедување на основни услови за да можат нашите граѓани да веруваат во системот, ќе го оствариме она кое што го предвидовме и за кое што разговаравме со претседателот Азески и со неговите соработници. Тоа е Македонија да има еден динамичен раст, а така ќе ја вратиме довербата на граѓаните и зошто да не и на оние кои што се разочараа и заминаа. Да се обидеме да ги вратиме назад“, рече Мицкоски.

На новинарско прашање за колкави даноци се говори во програмата на ВМРО-ДЛМНЕ, Мицкоски рече економската програма на актуелната влада ќе биде предмет на ревизија.

„Имаше и иновативни рецепти за пица, па ќе видиме, ќе правиме анализа каде заминаа парите на граѓаните. Особено ќе бидеме внимателни кон ревизијата што ќе ја правиме за работата на Управата за јавни приходи. Што се однесува на даноците, ветуваме предвидлив рамен данок намален на 8 проценти, а данок до 5 проценти на добивка за мултинационалнио компании за да се придвижи економијата напред. Мора да водиме битка со сивата економија каде гледаме голем простор за работа. Не може едни компании кои се дисциплинирани и редовни плаќачи на данок да работат на сметка на други компании кои ја стимулираат сивата економија. Законот во тој поглед ќе важи на цела териротија на државата“, рече Мицкоски и нагласи дека не се шегува дека законот ќе важи на сите 26 илјади километри квадратни на Македонија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека коалиција по секоја цена нема да се прави, туку само со цврст договор во кој ќе бидат приоритетите кои веќе ги најави.

„Тука спаѓа и реорганизација на владиниот кабинет. Динамиката на глобално ниво е поинаква од оваа што ја практикуваше владата во изминатите години. Мора да има правична застапеност, но на индивидуата, на граѓанинот. Ќе мора да ги напуштиме политиките на полу-уредување кои се резултат на романтични политики и договори од минатото. Борбата со криминалот ќе биде резолутна и во тој поглед сум многу сериозен и ќе видат граѓаните и практично што сум мислел кога ова сега го зборувам“, рече Мицкоски.

На прашањето дали им верува на ветувањата на политичарите, Бранко Азески рече:

„Да, ние сме излажани во многу изборни циклуси. Тоа сега нема да го дозволиме, зашто ако веќе си го излажал човекот, тој потоа не ти верува. Сакаме да поддржиме секоја влада која чесно ќе вети и потоа ќе оствари. Се што ќе биде преземено од идната влада ќе го следиме и ќе реагираме ако е потребно. Ќе ги користиме и врските со САД и со ЕУ кога ќе увидиме дека владата презема нешто на штета на бизнисот или на држаата. Со советодавнто тело ќе водиме контрола на мерките што се преземаат. Можеме и да го преселиме капиталот надвор, но како бизнис заедница која е главниот полњач на буџетот свесни сме за одговорноста кон државата и граѓаните“, рече Азески и додаде дека тоа што денеска го слушнал е во насока на почеток на решавање на проблемите.

Мицкоски рече дека преку дигитална транформација на државата, кон која ќе биде насочена работата на новата Влада, ќе се дојде до поголема транспарентност и отчетност и можност граѓаните да ја следат работата на административниот државен апарат.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека имотната состојба ќе биде многу важно да се провери.

„Се пријавувам како доброволец од мене да почне проверката со споредба на бази на податоци. Мора да видиме како некои лица стекнале милионски суми и милионски вреден имот, а се просечни бизнисмени или не се бизнисмени. Како илјадакратно за брзо време го зголемиле својот имот или членови на нивни семејсва или нивни роднини. И не само бизнисмените. И за функционерите и за обвинителите и судиите и други избрани и именувани лица ќе биде спроведена таа проверка“, рече Мицкоски.

„Како домаќин сакам на Мицкоски да му посакам среќа на изборите, но пред се посакувам фер и демократски избори и посакувам повеќе да нема предвремени избори затоа што така штета трпи економијата“, рече претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ