сабота, 27 јули 2024

Азербејџан е подготвен за разговори со Ерменија со посредство на ЕУ

Азербејџан е подготвен за разговори со Ерменија со посредство на Европската унија по својата успешна офанзива во Нагорно Карабах, изјави денеска советникот на азербејџанскиот претседател.

Објавено на

часот

Сподели

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев денеска не дојде на самитот на Европската политичка заедница во Гранада, Шпанија, каде требаше да се разговара на оваа тема.

„Азербејџан е подготвен наскоро да учествува во Брисел на трипартитните состаноци меѓу ЕУ, Азербејџан и Ерменија“, изјави Хикмет Хаџиев, советник на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, преку платформата Х.

Баку штотуку имаше брза победа над ерменските сепаратисти во Нагорно-Карабах, по што огромен дел од населението ја напушти областа населена со Ерменци.

Но, во пресрет на европскиот самит, Илхам Алиев изјави дека нема да оди на таа средба, а еден азербејџански функционер изјави дека таму владее „антиазербејџанска атмосфера“.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан, кој дојде на самитот, ја осуди одлуката на азербејџанскиот претседател.

Според Хаџиев, неговата земја одлучила да не учествува поради „милитаристичката политика“ на Франција на Кавказ и односот на ЕУ кон регионот, како и поради тоа што турскиот претставник не учествува.

Сепак, тој нагласи дека тоа не значи дека ги отфрла разговорите со Ерменија.

Француската министерка за надворешни работи Кетрин Колон во вторникот потврди дека Париз одобрил испраќање воена опрема во Ерменија, која се обидува да се заштити од својот азербејџански сосед.

И Ерменија и Азербејџан денеска меѓусебно се обвинија дека на нивните трупи на границата било пукано, а нема информации за повредени.

Во Гренада, Шпанија, во отсуство на Илхам Алиев, Никол Пашинјан ќе разговара со францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Ерменскиот премиер се сретна и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, со кого разговараше за безбедносната ситуација на Кавказ.

Ерменија и Азербејџан водеа две војни за контрола над енклавата Нагорно-Карабах, едната по распадот на Советскиот Сојуз, а другата во есента 2020 година.

Ереван сега стравува дека неговиот моќен сосед, побогат и подобро вооружен, може да започне акции на јужните територии на Ереван. Дотолку повеќе што Ерменија е разочарана од својот сојузник Русија, која ја обвини дека ја напуштила за време на офанзивата во Нагорно-Карабах.

Ерменија, која неодамна се зближи со Западот, не се воздржува од критикување на Москва. Таа, исто така, оваа недела го ратификуваше пристапот кон Меѓународниот кривичен суд, на што Русија негодува откако судот издаде налог за апсење на претседателот Владимир Путин оваа пролет, под обвинение за депортирање на украински деца во Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ