среда, 23 октомври 2024

Aвтопатот Кичево – Охрид и најскап и со најмногу отстапки при изградбата, констатира ДЗР

Скоро половина од буџетот на Јавното претпријатие (ЈП) Државни патишта или 46 отсто од 55 милиони денари се пари кои се однесуваат на изработка на проектни документации, извршени експропријации, изградби, реконструкција и рехабилитација на државните патишта и нивен надзор, а за дел од нив е утврдено недостаток на системски и аналитичен пристап и недоволна подготвеност при планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници низ државата, што предизвикало зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба и реконструкција на делниците, покажува ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на ЈП Државни патишта, за 2022 година што ја направи Државниот завод за ревизија (ДЗР) што беше објавена денеска. Со извршената ревизија констатирани се и низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива. Најмногу отстапки и неправилности ДЗР утврдил при изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

Објавено на

часот

Сподели

ДЗР констатирал дека поради појавени непредвидливи и дополнителни работи кај дел од основните проекти биле направени и по 42 измени и дополнувања, како и продолжувања на рокот за градење на делниците од осум месеци до шест години. Најмногу варијации, најголемо продолжување на рокот и зголемување на вредноста на договорот од 45 отсто или 187 милиони евра има кај изградбата на патната делница Кичево – Охрид.

„Според износот на инвестирани средства и должината на патната делница која се гради, најголем проект, претставува изградбата на патната делница Кичево – Охрид, чија должина изнесува 56,7 километри, а чиј износ заклучно со декември 2022 година изнесува приближно 512 милиони евра, односно за изградба на 1 километар од оваа патна делница, до крајот на 2022 година се инвестирани приближно 9 милиони евра. До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра“, пишува во ревизорскиот Извештај на ДЗР.

Но и покрај ова како и покрај дополнителен заем од 180 милиони долари и пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45 отсто, делницата Кичево – Охрид не е изградена.

Изградбата на оваа делница започна во мај 2014 година за што е склучен договор за заем помеѓу банка од Кина и ЈП Државни патишта во износ од 505 милиони долари, а во декември 2019 година, склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари.

„Од спроведениот теренски увид ревизорите констатирале дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба. Основни причини за забавената динамика за изградба на патната делница Кичево – Охрид се недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотно-правни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, одобрување на нови одлагалишта на земја, како и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот односно подизведувачите“, велат од ДЗР.

Оттаму додаваат и дека до денот на завршување на ревизијата на прва, втора и четврта подделница на делницата Кичево – Охрид се појавиле 11 нови свлечишта, а можни се и нови, кои дополнително влијаат на потребата од нови варијации за надминување на состојбите, пролонгирање на рокот на нејзино завршување и исплата на дополнителни финансиски средства.

ДЗР извршил ревизија и за втората делница по големина, надградбата и развојот на патот Ранковце – Крива Паланка, со инвестирани приближно 45 милиони евра и должина од 25,5 километри, додека според цената на чинење за 1 километар следна по големина е автопатската делница Скопје – Блаце со износ од приближно 5,9 милиони евра.

Со најниска цена на чинење е регионалниот пат, делница Извор – Гарски мост на патниот правец Дебар – Кичево, чија должина е 19 километри, при што за изградба на 1 километар од делницата инвестирани се приближно 489 илјади евра.

„Со ревизијата е утврдено дека, 21 проект за изградба, рехабилитација и реконструкција на патни делници и изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини, во износ од приближно 234 милиони евра, иако се ставени во употреба и се користат, во сметководствената евиденција на претпријатието не се соодветно признати како недвижности. Како причина за оваа состојба се наведува неизвршениот технички прием поради нерасчистени имотно – правни односи при експропријација на земјиште, изградени локални патишта кои не се предадени на општините, изградена и непредадена автопатската делница Демир Капија-Смоквица со Министерство за финансии и несоодветна алокација на инвестиции по проекти. Овие средства генерираат приход, без притоа да бидат признаени соодветни расходи, односно за нив не е пресметан и признаен трошок за амортизација во претходниот период и во тековната 2022 година“, пишува во соопштението.

ДЗР констатирал и состојби кои претставуваат нерационалното користење на јавни средства и ја доведуваат во прашање нивната оправданост. Имено, според Извештајот, во периодот од 2015 до 2022 година се вложувало во проекти и недовршени градби, трошоци по основ на камати, еднократни и провизии за неповлечени средства, експропријации и други непознати трошоци, во износ од приближно 31 милиони евра, за кои поради недоволни информации и/или соодветна документација не е позната потребата од нивна набавка и нивната употребна вредност.

„Со извршениот увид во деловните книги на претпријатието утврдено е дека 96 отсто од градежните објекти или 61.303 милиони денари, претставуваат линиски инфраструктурни објекти, при што тие не се евидентирани во катастарот на инфраструктурни објекти во Агенцијата за катастар на недвижности, поради тешкотиите во обезбедувањето на одобренија за употреба од Министерството за транспорт и врски. Проектите кои се реализирани, како и оние чија реализација е во тек, се финансирани од сопствени средства и средства кои се обезбедени од повеќе кредитни линии, врз основа на склучени договори за заеми со меѓународни финансиски институции, а во согласност со одредбите од донесени закони за задолжување“, констатирале ревизорите од ДЗР.

Од ДЗР информираат и дека во Извештајот е наведено дека, откако ревизорите утврдиле неправилно пресметана даночна основа и помалку пресметан и уплатен данок од добивка за 2022 година во државниот Буџет во износ од 27.525 илјади денари, од страна на ЈП Државни патишта преземени се активности за надминување на состојбата по тој основ и на крајот на 2023 година износот е целосно уплатен на трезорската сметка.

ДЗР констатирал и дека уплатените средства на сметката на ЈП Државни патишта по основ на надоместок за патната такса од регистрација на моторни возила, нецелосно се трансферираат до општините. Имајќи го во предвид вкупниот приход по овој основ во периодот 2016 – 2022 година,  ревизорите утврдиле дека за 63 отсто помалку се распределени средства по општините, односно не се распределени приближно 58 милиони евра.

Со извршената ревизија е утврдено дека електронскиот систем за наплата на патарините е функционален во текот на цела година кај 7 наплатни станици, во последните шест месеци од 2022 година уште кај 2 наплатни станици, а 5 наплатни станици немаат воспоставена електронска наплата на патарина. При тоа со анализа е констатирано дека во просек само 13 отсто од вкупно остварените приходи од патарини во 2022 година се со примена на електронска наплата преку користење на смарт картица и уред М – таг. Најголема примена на системот е забележана кај наплатната станица Гевгелија од 29 отсто, додека најмала е примената кај наплатната станица Преод од 13 отсто.

„Имајќи во предвид дека со користењето на електронската картица и уред М – таг за наплата на патарините, се обезбедува подобрена и ефикасна услуга за нивна наплата, со што се овозможува функционирање на унифициран и целосно интероперабилен систем за патарина на автопатите низ државата. Со ревизијата е укажано на потребата од поголема промоција на можноста за нејзина употреба“, велат од ДЗР.

Со извршената ревизија констатирани се и низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива.

Од ДЗР велат дека за надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ