Во периодот од 15 декември 2025 година до 8 јануари 2026 година, осум камери регистрирале вкупно 28.973 прекршоци, што е просек од повеќе од 1.100 прекршоци дневно. Податоците од грчкото Министерство за дигитално управување покажуваат дека една камера на авенијата Сингру регистрирала повеќе од 8.000 возачи за неносење појас или користење телефон, заедно со 1.028 прекршоци за пребрзо возење во зоната од 90 километри на час.
На други локации, раскрсниците се покажале како места на чести прекршоци на минување на црвено светло. Една камера регистрирала 13.722 такви прекршоци на авенијата Вулијагменис, додека 5.872 се регистрирани на авенијата Месогеон во Халандри.
За разлика од конвенционалните камери, овие системи користат вештачка интелигенција за континуирано анализирање на сообраќајните обрасци и однесувањето на возачите. Тие се способни автоматски да ги идентификуваат возачите кои користат мобилни телефони, не носат безбедносни појаси, пречекоруваат брзина, поминуваат на црвено светло или возат во ленти резервирани за автобуси.
Системите ги испорачала австралиската компанија Акусенсус, чии решенија веќе се користат во Велика Британија, Австралија и други земји.
По завршувањето на фазата на евалуација, прекршителите ќе почнат да добиваат автоматски казни, со прикачени фотографии од прекршокот. Казните се високи, па така користењето мобилен телефон или неносењето на безбедносен појас изнесува 350 евра, додека казните за пречекорување на брзина се движат од 150 до 750 евра.
Казната за поминување на црвено светло е 700 евра, со одземање на возачката дозвола за 60 дена за првиот прекршок. Вториот прекршок ја зголемува казната на 1.000 евра и суспензија од 180 дена, додека третиот прекршок се казнува со 2.000 евра и забрана за возење на една година. За споредба, просечната месечна плата во Грција е околу 1.200 евра.
Зголемената употреба на камери со вештачка интелигенција, меѓутоа, отвора прашања за приватноста, како на пример колку долго се чуваат снимките и кој има пристап до нив. Некои извори изразиле загриженост дека системот би можел да биде во спротивност со грчките и законите за приватност на Европската Унија и дека неговата легалност би можела да биде оспорена на суд.
И покрај ова, програмата продолжува, а планирано е инсталирање на вкупно 2.000 фиксни камери и 500 мобилни единици, со буџет од околу 93,8 милиони евра.
Спроведувањето на сообраќајните прописи со помош на вештачка интелигенција станува сè поприсутно во светот. Земји како Британија, Германија, Франција, Шпанија и Австралија користат интелигентни системи со камери со години.
Слични пристапи се спроведуваат во Соединетите Американски Држави, Индија, Кина, Јапонија и неколку земји од Блискиот Исток, што укажува дека паметниот надзор станува глобална норма.






