Како што пишува германскиот Ауто мотор унд шпорт, раководителот на дизајнот на Ауди Масимо Фрасела потврди дека оваа висока, речиси вертикална решетка на ладилникот ќе стане заштитен знак на сите идни модели. Со ова Ауди ја напушта препознатливата трапезоидна маска со една рамка, која со години го дефинираше изгледот на нивните автомобили и имаше одличен прием кај своите обожаватели.
Кога беше претставен концепт Ц, реакциите беа мешани. Многумина на интернет ја споредија новата маска со таканаречените мустаќи „четка за заби“. Стилот што некогаш го носеше Чарли Чаплин денес има многу потемни асоцијации, па затоа шегите се редеа.

Но, Ауди очигледно не е многу загрижен поради интернет критиките. Во разговор за германскиот магазин Фрасела јасно даде до знаење дека ова е само почеток на нова ера на дизајнот.
Италијанскиот дизајнер ја презеде функцијата раководител на дизајнот во средината на 2024 година, наследувајќи го Марк Лихте. Пред да се приклучи на Ауди тој работеше на модели како што се ленд ровер дифендер и рејнџ ровер велар, а сега негова задача е да го редефинира визуелниот идентитет на целата марка.
Концептот Ц не е само дизајнерска вежба. Станува збор за најава на иден спортски модел што ќе го наследи ауди ТТ иако, според достапните информации, нема да го носи тоа име. Ќе ги задржи каросеријата со две врати и компактните пропорции, но со целосно електричен погон.

На предниот дел доминира висока, правоаголна маска поставена вертикално на носот на автомобилот. Што се однесува до дизајнот, се чувствува како комбинација од реинтерпретација на класичниот преден дел на Ауди и суптилна референца на решетката во облик на потковица на Бугати.
Фрасела нагласува дека истите основни дизајнерски елементи ќе се користат низ целата гама, но со прилагодувања во зависност од сегментот.
„Развивме одредени елементи за да можат да се користат флексибилно, така што моделите од сегментот А значително се разликуваат од спортските автомобили или теренците, но сепак да бидат поврзани со заедничка нишка“, кажа тој. „Сакаме нашите автомобили да бидат препознаени пред сè како Ауди. Но, секако, секој автомобил мора да има свој карактер. Тој е создаден од пропорции, посебни линии, лице и очи“.

Со други зборови, маската ќе биде заеднички потпис, но нема секој модел на Ауди да изгледа како копија од истиот автомобил во различна големина.
Промените не се однесуваат само на надворешноста. Концепт Ц најавува и нова насока во ентериерот. Ауди планира делумно да се оддалечи од трендот на огромни екрани кои доминираат на контролните табли на модерните автомобили.
Наместо тоа, се враќаат физичките копчиња и бројчаниците за клучните функции, што им одговара на возачите уморни од пребарувањето основни поставки на екраните на допир.
Првиот сериски модел со овој нов дизајнерски јазик ќе биде електричниот наследник на ТТ, базиран на концепт Ц.






