Важното е што Рено го одржа ветувањето. Како што беше најавено со концептот, четвртата генерација на твинго изгледа како модерна реинкарнација на оригиналот од почетокот на деведесеттите години. Ова потврдува дека Рено пронашол златна жила во својата ретро приказна, односно вистинската мерка помеѓу традицијата, модерните технологии и употребливоста.

Сериската верзија поприлично го следи изгледот на концептот од 2023 година и на оригиналниот модел од 1992 година, додека почетната цена треба да биде под 20 илјади евра, пред државните субвенции, во државите каде што ги има. Малиот градски автомобил е подготвен да се врати со познатиот шарм и целосно електричен погон.

Сериската верзија речиси целосно го задржува изгледот на концептот од 2023 година. Видливи се само мали промени, како што се класичните рачки на вратите, раткапните, малку изменетите ЛЕД светла и редизајнираните браници со пластична заштита за практичност во секојдневното возење.
Новото твинго го задржува препознатливиот изглед, компактната моноволуменска форма и заоблениот заден дел кој потсетува на оригиналот од 1992 година, иако сега е растегнат во верзија со пет врати.

Кабината го задржува карактерот на концептот, но користи материјали посоодветни за сериско производство. Тврдата пластика ги заменува луксузните површини од концептот, а седиштата сега се одликуваат со класична ткаенина. Доминира екранот на инфозабавниот систем сместен над помалата инструмент табла која изгледа како земена од моделите на Дачија.
Физичките контроли за климата се задржани, и на централната конзола и на воланот. Жолт детаљ на контролната табла додава шмек, а помеѓу предните седишта има и интересен црвен детаљ.

За разлика од неговите претходници, четвртата генерација на твинго ќе биде достапна исклучиво со електричен погон. Моделот ќе ја добие новата платформа АМПР смол на Рено, која ја дели со поголемите модели рено 5, рено 4 и нисан микра.

Рено сè уште не ги објави техничките спецификации, но се очекува дека твинго ќе има еден електричен мотор и помала батерија, во согласност со намената главно за градско возење.

Во европскиот А-сегмент твинго ќе се натпреварува со мали електрични модели како дачија спринг, липмотор Т03, претстојниот фолксваген ИД..евриуан и недефинираниот брат близнак од Нисан. Делумно ќе се преклопува со попристапни модели од Б-сегментот, како што се фиат гранде панда и ситроен Ц3.

Уште во 2023 година, тогашниот директор на Рено Лука де Мео изјави дека новото твинго ќе има почетна цена под 20.000 евра, а ќе може да се изнајми за само 100 евра месечно.

Останува да се види дали овие бројки сè уште ќе важат во денешните пазарни услови. Сè ќе биде официјално потврдено денес, кога Рено ќе ги открие техничките детали и плановите за почетокот на продажбата во Европа.






