Иако оваа година се одбележува 50-годишнината од легендарниот голф ГТИ, постои уште една важна годишнина во историјата на овој модел. Пред точно половина век се појави дизел голфот, модел што значително ја промени перцепцијата за дизел моторите во патничките автомобили.
На почетокот на седумдесеттите години дизелскиот мотор во патничките автомобили беше само спореден феномен. Најчесто го користеа таксистите, а често го возеа земјоделците кои го полнеа својот мерцедес (200 Д) со сè, вклучувајќи вистински дизел и мазут. Во тоа време, дизелот имаше репутација на погон наменет пред сè за комерцијални возила.

Ситуацијата почна да се менува по 1973 година и нафтената криза, кога цените на горивата нагло пораснаа. Производителите почнаа да бараат поекономични решенија, и токму тука Фолксваген ја виде својата можност.
Во 1976 година Фолксваген ја прошири понудата на првата генерација голф со две верзии кои ќе ја одбележат историјата на овој автомобил. Заедно со спортскиот ГТИ, беше претставен и голф Д, со сосема нов дизелски концепт.
Дизел моторот имаше зафатнина од 1,5 литри и развиваше 50 коњски сили. Конструкциски се базираше на бензинскиот мотор со иста зафатнина. Поточно, имаше 1.471 cm³, моќност од 37 киловати (50 КС) при 5.000 вртежи во минута и вртежен момент од само 80 њутнметри достапен при 3.000 вртежи во минута.

Во тоа време тоа беше најмалиот и најекономичен дизел мотор на пазарот. Според фабричките податоци, голф дизел, со тежина од околу 800 килограми трошеше 6,5 л/100 км, што беше повеќе од два литри помалку од бензинската верзија со иста моќност.
Водено ладениот четирицилиндричен мотор беше поставен попречно напред, додека погонот беше на предните тркала. Меѓуоскиното растојание беше 2.400 милиметри.
Технолошки користеше систем на предкомора (wirbelkammer) кој овозможуваше релативно тивка работа на моторот според стандардите на тоа време. Моторот имаше блок од сиво леено железо, но делеше многу компоненти со бензинската верзија, па затоа беше само 20 килограми потежок. На моторот му беше потребно одредено време за претходно загревање пред да се придвижи, минимум 30 секунди.

Побарувачката за дизел голф наскоро почна да расте. Особено го купуваа компаниите и големите возни паркови. Вол Германија станаа познати жолтите голфови на германската пошта (Bundespost).
Во 1977 година најевтиниот голф дизел во Западна Германија чинеше 10.950 германски марки, што беше за околу 1.500 марки повеќе од бензинската верзија.
Со овој мотор Фолксваген дополнително ја зајакна својата позиција и со текот на времето стана најголем производител на дизел мотори во светот.
Во 1980 година голфот добил редизајн. Задните светла станаа значително поголеми, а инструмент таблата доби нов дизајн.

Дизел моторот исто така беше надграден. Зафатнината беше зголемена на 1.588 cm³, а моќноста на 54 коњски сили (40 киловати) при 4.800 вртежи во минута. Максималниот вртежен момент се зголеми на 98 њутнметри при 2.300 вртежи во минута, што значително ја подобри еластичноста во секојдневното возење.
Во 1981 година Фолксваген воведе дополнителни мерки за намалување на потрошувачката на гориво и ја претстави верзијата Формула E, достапна со дизелскиот и бензинскиот мотор од 1,1 литар.
Оваа верзија користеше менувач 3+E со долга четврта брзина, преден спојлер од ГТИ за подобра аеродинамика и индикатор за менување на брзини и потрошувачка на гориво.
Целта беше значително да се намали потрошувачката на гориво при секојдневното возење. Овие верзии се произведуваа до 1983 година.

Во 1982 година Фолксваген воведе нов технолошки чекор. Воведен е 1,6-литарски турбодизел развиен во фабриката за мотори во Залцгитер.
Моторот развиваше 70 коњски сили (51 киловати) при 4.500 вртежи во минута и 130 њутнметри при 2.600 вртежи во минута, а во моделот голф ГТД дозволуваше максимална брзина од 160 км/ч. Турбодизелот комбинираше силно забрзување и разумна потрошувачка на гориво.
Визуелно, ГТД беше инспириран од моделот ГТИ. Имаше проширени крила, пошироки гуми и спортски ентериер, но се одликуваше со хромирана рамка на решетка. Менувачот 4+E беше достапен и како опција.
Со ова, Фолксваген практично создаде спортски дизел компактен автомобил.
Вистинската револуција дојде во 1993 година, во третата генерација на моделот фолксваген голф.

Фолксваген тогаш ја воведе ТДИ технологијата со директно вбризгување на гориво. Електронски контролираната пумпа за дистрибуција овозможуваше многу прецизно вбризгување на гориво. Резултатот беше поголема моќност, силен вртежен момент, пократко претходно загревање и значително помала потрошувачка на гориво.
ТДИ технологијата повторно ја промени перцепцијата за дизел моторите и поставените стандарди за ефикасност кои влијаеја врз автомобилската индустрија со децении.







