Порше патентираше решение кое звучи како научна фантастика, но би можело целосно да го промени начинот на кој гледаме на електричните автомобили и автомобилите воопшто. Наместо сè поголеми батерии, ултра брзо полнење или комплицирани системи за замена на батерии, Германците размислуваат за нешто порадикално. Станува збор за можноста електричниот погон да се замени со класичен мотор со внатрешно согорување во истиот автомобил, доколку е потребно.
Патент откриен од Карбаз сугерира дека Порше размислува во оваа насока. Тоа е идеја која ја крева модуларноста на возилото на сосема ново ниво, иако целиот концепт е малку посложен. Со други зборови, истиот автомобил би можел да биде тивок и удобен електричен модел за секојдневно возење во текот на неделата, а да се претвори во погласен бензински мотор или верзија со многу поголем домет за време на викендот.
Производителите со години зборуваат за модуларни платформи. Во пракса, ова значи дека неколку модели делат иста основа, а различни делови се додаваат веќе во раните фази на производство. Но, таквата модуларност е трајна, откако автомобилот ќе се состави, нема враќање назад.
Патентот на Порше оди многу подалеку. Идејата е возилото да остане модуларно на самиот крај од процесот на производство, па дури и за време на употребата. Ова, барем теоретски, би овозможило клучните делови од автомобилот да се менуваат подоцна, вклучувајќи ја и целата погонска единица.
Документацијата наведува дека едно возило може да се конфигурира на неколку начини, со погон на две или четири тркала и како целосно електрично, плагин хибрид или исклучиво на бензински погон. Кога на тоа ќе се додадат варијациите на погонот напред и назад, бројот на комбинации станува огромен, но и технички многу тежок.
Патентот предвидува возило поделено на три главни единици. Предниот дел вклучува сè што е пред преградата на моторниот простор, средниот дел е резервиран за патниците, а третиот дел е задниот погон. Тие делови би биле споени со специјални спојки, и исклучиво на тие точки на поврзување.
Ова значи дека автомобилот би можел релативно лесно да се расклопи и повторно да се состави со различни компоненти, на пример со електричен модул еден ден и класичен мотор следниот ден.
Клучна улога играат специјалните спојки кои Порше веќе ги патентирал. Тие првично биле наменети за прицврстување на големи панели на каросеријата, но сега добиваат многу поважна улога.
Низ тие спојки би поминувале не само механичките врски, туку и сите електрични и комуникациски инсталации. Со други зборови, тие би биле еден вид „папочна врвца“ која ги поврзува сите системи во возилото.
За да функционира ова, потребен е посебен контролен модул што може да препознае со која погонска единица е поврзан автомобилот и да ја прилагоди работата на системот. Не е важно дали станува збор за бензински, дизел, електричен или хибриден погон, системот треба сам да се прилагоди.
На хартија, сè звучи како Лего коцки за возрасни, каде што едноставно ги менувате модулите во зависност од вашите потреби. Во пракса, се разбира, ќе биде многу посложено, а прашањето е дали таков систем некогаш ќе достигне сериско производство.
Сепак, самиот факт што Порше размислува за таков концепт покажува колку далеку размислуваат производителите во потрага по решенија кои би ја помириле електричната иднина и љубовта на возачите кон класичните мотори.






