среда, 4 февруари 2026

Новиот БМВ и-икс3 распродаден за оваа година пред почетокот на испораките (ВИДЕО)

Револуцијата наречена „Нова класа“ (Neue Klasse) тукушто започна, а БМВ веќе се соочува со „проблем“. Побарувачката за новиот електричен модел и-икс3 е толку голема што речиси целото планирано производство за 2026 година е веќе распродадено, што ја принуди компанијата да го забрза воведувањето дополнителни смени во фабриката.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за исклучителна доверба на клиентите, со оглед на тоа што тие сè уште немале можност да го возат автомобилот. Од премиерата минатата есен, и-икс3 сочинува приближно една третина од сите нарачки за електрични возила на БМВ во Европа. Иако испораките ќе започнат дури во март, поголемиот дел од планираното производство е веќе резервиран.

За да се избегнат листите на чекање кои се продолжуваат до следната зима, БМВ воведува втора производствена смена во својот нов погон во Дебрецен, Унгарија. Тоа е првата фабрика на БМВ посветена исклучиво на производство на електрични возила. Иако со текот на времето ќе достигне капацитет од околу 150.000 автомобили годишно, во моментов е сè уште во фаза на подготовка на производството, која, според сите извештаи, ќе мора значително да се забрза.

Важноста на оваа вест оди подалеку од самиот кросовер. И-икс3 е првиот автомобил базиран на сосема новата платформа „Нова класа“ на БМВ и го носи својот смел и модерен дизајн. Истиот пристап ќе се примени и на наследникот на серија 3, кој исто така се очекува подоцна оваа година.

Доколку клиентите покажале таков ентузијазам за кросовер модел, шефовите на германската марка можат оптимистички да очекуваат реакции на електричниот спортски седан кој е следен во низата.

БМВ не губи време и веќе воведува подобрувања за да го направи и-икс3 уште попривлечен. Почнувајќи од оваа пролет, компактниот кросовер ќе добие опционална надградба за АЦ полнење од 22 киловати, што ќе го скрати времето на полнење дома или на работа. Додадена е и функцијата „возило за полнење“ (V2L), која им овозможува на сопствениците да напојуваат надворешни уреди со моќност до 3,7 киловати, што може да биде корисно, на пример, при кампување.

Достапни ќе бидат и нови бои, вклучувајќи металик зелена „еукалиптус“ и сребрена „замрзната вселена“. Помали промени се вклучени и во ентериерот, со нови опции како што се праг за товарење од не’рѓосувачки челик, светло бел волан и клуч со ознаки М.

И покрај тоа што и-икс3 е во центарот на вниманието, БМВ не ги занемари ниту своите постари електрични кросовери оваа година. Моделите и-икс1 и и-икс2 добиваат поефикасни компоненти од полупроводнички силициум карбид, што го зголемува нивниот опсег за приближно 40 километри, во зависност од моделот. Тоа е корисно подобрување за секојдневна употреба, зголемувајќи го опсегот на најефикасната верзија на е-драјв20 на 514 километри.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ